Европската комисија мора што поскоро да го реши миграциското прашање или 27-члената Европска Унија е во опасност да се распадне, предупреди денес полскиот министер за внатрешни работи, Мачеј Душчик.
„Ако не управуваме со миграцијата, Шенген зоната ќе исчезне, а аргументи за ЕУ ќе има сè помалку и помалку. По некое време ЕУ може да се распадне“, изјави Душчик за Радио ЗЕТ. „Ова нема да биде сценарио што ќе се случи веднаш, туку ќе се одвива во рок од 15 до 20 години“, додаде тој.
„Мислам дека ако не се справиме многу брзо со ова, може да бидеме изложени на ризик од воведување гранични контроли на поединечни граници. Така, ова ќе биде првиот сигнал за напуштање на Шенген зоната“, рече Душчик. „Шенген зоната е апсолутно најважен ефект на Европската Унија за многу граѓани. Ако ја немаме Шенген зоната, зошто ни е потребна ЕУ?“, праша Душчик.
„Путин и Лукашенко играат на таа карта, но сметам дека многу земји во Африка и Кина, исто така, играат на тоа. Тие сакаат ЕУ да се распадне, за оваа заедница да исчезне од лицето на Земјата“, истакна полскиот министер.
Неговиот повик доаѓа во период кога извршната власт на ЕУ го подготвува својот нов извршен состав и како да менаџира со зголемената миграција надвор од блокот. Блокот предложи нов миграциски пакт во мај, кој беше отфрлен од Полска и другите источни земји членки. Границата на Полска со Белорусија стана жариште со зголемен број мигранти што Белорусија ги турка кон ЕУ.
Бројот на странци регистрирани во системот за социјално осигурување на Полска, ЗУС, минатата 2023 година се зголеми за 6 отсто, на 1,13 милиони, а мигрантите сега сочинуваат 7 отсто од сите што се во системот.
Националните групи што забележаа најголем пораст по бројот во 2023 година беа Белорусите (21.264) и Украинците (13.407). По нив следуваат Индијците (4.588), Колумбијците (3.535), Непалците (3.481), Филипинците (2.870), Узбеците (2.026), Туркијците (1.783), Бангладешаните (1.770) и Индонезијците (1.759). Полската гранична стража проценува дека до 17.000 илегални мигранти ја преминале границата од Белорусија во 2024 година.
Ова прашање ја стави владејачката партија на полскиот премиер Доналд Туск, Граѓанска коалиција, во ќор-сокак, напаѓана од националистичката опозиција дека е премногу мека во однос на безбедноста на границата. Вчера полската опозициска партија Право и правда објави спот на социјалните мрежи во кој ја критикува Владата на Туск за нејзината миграциска политика.
Во меѓувреме, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во понеделникот ја повика Белорусија да соработува за утврдување на идентитетот и предавање на убиецот на полскиот војник кај граничната ограда кон крајот на мај. „Белорусија одговори на сосема незадоволителен начин - наместо да го бара и да ни го предаде убиецот, таа упати обвиненија за наводно прекинување на соработката со граничарите. За жал, не очекуваме добра соработка од белоруска страна“, рече Сикорски.