Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека не постојат индикации дека вчерашната експлозија во близина на границата во селото Пржеводов, источна Полска, била намерен напад врз земјата.
„Најверојатно, тоа било несреќен случај“, рече Дуда, додавајќи дека не постојат апсолутно никакви посредни докази за да се заклучи дека станува збор за напад врз Полска. Тој, исто така, во согласност со забелешките на другите лидери, рече:
„Постои голема веројатност дека станува збор за проектил на украинската воздушна одбрана.“
Изјавите на Дуда се повторување на зборовите на американскиот претседател Џо Бајден, кој им рече на земјите членки на групата Г-7 и партнерите во НАТО дека експлозијата најверојатно е резултат на активностите на украинската воздушна одбрана.
Русија негира дека нејзините проектили стигнале во близина на полската граница, а исто така рече дека остатоците од ракетата се дел од украинската воздушна одбрана.
Првичните наоди сугерираат дека ракетата што ја погоди Полска била истрелана од украинските сили кон руска ракета, објавија денес медиумите, цитирајќи американски официјални претставници.
„Во тек е меѓународна истрага. Се испитуваат сите детали. Кога ќе бидеме сигурни што се случило, тоа ќе биде јавно објавено“, изјави Агњешка Шигај, министерка за социјална интеграција.
Жртви на експлозијата се двајца мажи: земјоделец и вработен во локалната фабрика за жито. Двајцата починале на самото место.
„Ги познавам жртвите, едната од нив беше мој соученик, на околу 60 години. Ја познавав добро и другата жртва, секогаш се поздравувавме“, изјави локален жител за полскиот онлајн весник „Онет“.
Помладиот од нив имаше околу 50 години.
Некои очевидци велат дека непосредно пред експлозијата, на небото биле видливи два предмети што паѓале.