Гувернерот на украински Днепропетровск, Серхиј Лисак, денес соопшти дека пожарот во нуклеарната централа „Запорожје“, за кој Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат, е изгаснат.
„Пожарот на територијата на нуклеарната централа 'Запорожје' е изгаснат“, рече гувернерот Лисак, на Телеграм, велејќи дека нивото на радијација во областа Никопол, која се наоѓа спроти централата, но е одвоена со реката Днепар, е во нормални граници.
Украинскиот национален снабдувач на нуклеарна енергија Енергоатом, исто така, рано утринава соопшти дека нема прекршување на границите и условите за безбедно функционирање на централата, како и дека нема евиденција за испуштање на радиоактивни материи.
Енергоатом продолжи со тврдењето дека најверојатнопричина за пожарот е „небрежност“ од руските сили или „намерно пукање“ од страна на руските војници во кулата за ладење, за која рече дека се наоѓа на околу еден километар оддалеченост од енергетските единици.
Понатаму се тврди дека руските сили ги користеле фабриката во Запорожје и нејзините простории како „воени магацини за опрема, оружје, експлозиви и воена муниција“, тврдејќи дека тоа значително го зголемува ризикот од пожари.
Се наведува дека пожари од поголеми размери во централата може да доведат до радијациска несреќа, но дека сегашните мерења покажуваат дека нивото на радијација во централата е во рамките на нормите, и дека во овој момент нема закана од радијација за населението.
„Само ослободувањето на ЗНПП (централата Запорожје) и нејзиното предавање на единствениот легитимен оператор, Енергоатом, може да гарантира спречување на нуклеарна и радијациска несреќа, како и да обезбеди нејзино сигурно и безбедно работење“, се додава.
Украина и Русија вчера меѓусебно се обвинија откако се појавија извештаи за избувнување пожар во еден од системите за ладење на нуклеарната централа „Запорожје“.
Москва ја обвини Украина дека го предизвикала пожарот со гранатирање на градот Енерходар во кој се наоѓа електраната, а Киев ја обвини Русија за подметнување на пожарот и користење на централата за „уцена на Украина, цела Европа и светот“.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека централата му потврдила на тимот на МААЕ дека не постои ризик од покачени нивоа на радијација бидејќи нема радиоактивен материјал во близина на подрачјето на нападот.
Агенцијата истакна дека нејзината мисија за поддршка и помош во регионот бара итен пристап до кулата за ладење за да се процени штетата предизвикана од пожарот.
Нуклеарната централа „Запорожје“, најголема во Европа и една од 10 најголеми во светот, е под руска контрола од март 2022 година, веднаш по почетокот на војната во Украина.
Оттогаш постои страв од нуклеарна катастрофа бидејќи и Москва и Киев меѓусебно се обвинуваа за гранатирање во близина на централата.