Во Шпанија денес продолжија операциите за пребарување и спасување, откако 104 лица загинаа во разорните поплави, кои предизвикаа големо уништување во провинцијата Валенсија и многу исчезнати.
Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес рече дека властите сè уште не можат да кажат точен број, но дека за исчезнати се водат „многу луѓе“.
Околу 1.000 војници беа распоредени утринава, а главен приоритет им е да ги пронајдат исчезнатите.
„Знаеме дека на места како Паипорта и Масанаса, може да има луѓе во гаражи, подруми - луѓе кои излегле да ги најдат своите возила“, рече Роблес во интервју за „Телесинко“.
Утрово, девет тела се откриени во населбата Ла Торе во градот Валенсија, осум во иста гаража, информираше градоначалникот. Локалните медиуми, вклучително и Ел Мундо, објавија дека со ова бројот на загинати достигнува 104.
Најтешкото невреме започна во вторникот, кога за неколку часа падна дожд колку за речиси една година, предизвикувајќи поројни поплави, излевање на реките, а улиците во градовите се претворија во големи реки.
Илјадници луѓе беа неподготвени за такво невреме. Голем број луѓе останаа заробени во своите возила додека се враќаа дома од работа. Други беа заробени во своите домови, работни места, ресторани или трговски центри, очајнички чекајќи да се спасат додека нивото на водата се зголемуваше.
Властите на Валенсија во вторникот вечерта испратија итно предупредување на телефоните, барајќи од луѓето да останат во своите домови, но дотогаш голем дел од штетата веќе беше направена.
Службите за итни случаи брзо беа преоптоварени со повици и не можеа да стигнат до најтешко погодените области.
Предизвикана штета на инфраструктурата
Покрај човечката трагедија, причинета е и голема материјална штета.
Илјадници домаќинства сѐ уште немаат струја и вода за пиење. Тие се целосно изолирани поради затворените патишта и железници.
Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте Сантијаго на прес-конференција денес изјави дека телата сѐ уште се заробени во автомобилите погодени од разорните поплави. Тој најави дека популарната брза железничка линија меѓу Мадрид и Валенсија ќе биде затворена најмалку две до три недели.
Сантијаго изјави дека на пругите е предизвикана голема штета и дека ќе бидат потребни „многу месеци“ за да се санираат.
Во меѓувреме, околу 80 километри од автопатот во Валенсија е сериозно оштетен. „'Планини од автомобили' продолжуваат да ги покриваат патиштата кои се клучни за поврзувањето на областа“, додаде Пуенте.
Шпанската метеоролошка агенција АЕМЕТ издаде предупредување за „екстремна опасност“ во вторникот наутро, пред локалната власт да испрати предупредување на телефоните.
Невремето продолжува
Историското невреме е намалено во интензитет, но продолжува во делови од Шпанија.
„Ве молам, невремето продолжува. Ве молиме следете ги препораките на службите за итни случаи. Во моментов најважно е да се спасат животи“, рече премиерот Педро Санчез во говорот од Валенсија.
Големи поплави денес се случија во провинцијата Кастелон, за која беше објавено црвено предупредување поради обилните врнежи. Каталонија, исто така, го активираше црвениот аларм за области во јужниот дел на регионот.
Во средата, поројни поплави беа забележани во други области на земјата, како јужна Андалузија, каде и денес сè уште паѓа дожд.
Од досегашните жртви, 101 се регистрирани во Валенсија, а другите ги загубиле животите и во провинциите Куенка, Албасете и Малага.
Шпанија прогласи тридневна национална жалост.
Знамињата пред седиштето на Европската Унија денес се спуштени на половина копје.
„Поплавите во Шпанија не се само национална трагедија. Исто така и европска... Како таква, ќе добие европски одговор“, објави претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, синоќа на социјалната мрежа X.