Протекоа над 124.000 доверливи документи за Убер     Фото:

Компанијата за споделување такси превоз Убер е под лупата на јавноста, откако благодарение на инсајдер беа откриени над 124.000 документи кои откриваат како работел стартапот, на кој начин лобирал и влијаел за промена на политики во негова корист, вмешувајќи политичари, експерти, но и медиумски могули низ светот.

Записите ги откри Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари во соработка со повеќе медиуми кои објавуваат постојано нови стории. Според нив, раководството на Убер прекршило многу закони, користело нелегални сервиси за избегнување на сообраќајната полиција и дека во повеќе наврати свесно ги нарушувале работничките права на возачите и вработените.

„Насилството гарантира успех“

Протечените документи опфаќаат и мејлови, пораки од апликации за допишување, и електронска комуникација која опфаќа период од пет години, од 2013 до 2017 година. Тогаш компанијата беше предводена од главниот извршен директор Тревис Каланик.

За него се пишува дека во периодот кога Убер се соочуваше со најголеми пречки, особено протести и блокади од традиционалните такси превозници, дека инсистирал вработените возачи да одат на контра-протести, тврдејќи дека „насилството гарантира успех“.

Главен извор на доверливите документи е Марк Макган, главниот лобист на Убер за Европа, Блискиот Исток и Африка, за кого овие информации морало да излезат во јавноста.

„Моја должност е да истапам и да им помогнам на владите и регулаторите да исправат некои основни грешки“, рече тој.

„Убиствениот прекинувач“

Во објавените документи се тврди дека Убер применил т.н. „убиствен прекинувач“. Во ИТ терминологијата се користи за протокол со кој веднаш може да се избришат податоци од серверите и да се прекине секаков вид на пристап до истражните органи.

Наводно, ваквото „копче“ било искористено при полициската рација на европските канцеларии на Убер во Париз и Амстердам што може да се протолкува како уништување докази и попречување на правдата. Гардијан пренесува дека „прекинувачот“ бил искористен 12 пати во шест држави, а операцијата се водела од базата во Силициумската долина, по наредба на еден од директорите.

Освен гасење на пристапот до базата на податоци, се тврди дека компанијата развила и систем популарно наречен „Каспер“, со кој сите запленети лаптопи од истражните органи далечински се онеспособуваат и дисконектираат.

Компанијата, како и застапници на посочените поранешни и сегашни директори на Убер демантираат дека биле бришени клучни податоци. Во соопштение за јавноста тврдат дека се преземале редовни постапки за заштита на внатрешните системи на информации и дека Убер и посочените поединци се целосно отворени и подготвени да соработуваат со истражните органи.

Европската политика како „жртва во сообраќајот“

Голем број европски политичари, од премиери, претседатели, министри, па дури и поранешни европски комесари и парламентарци се најдоа во комуникациските записи на раководството на Убер, со сомнежи за тргување со влијание.

Вмешувањето на францускиот претседател Емануел Макрон во скандалот со Убер ја зовре политичката сцена во Франција.

Опозицијата, како од левичарските така и од десничарските партии, сметаат дека потребна е парламентарна истрага за наводите и дел од нив го обвинија Макрон дека додека бил министер за економија го дерегулирал пазарот на труд.

Владејачката партија излезе во одбрана на Макрон. Ауроре Берг од „Преродба“ посочи дека скандал не постои, Макрон не добивал никаква компензација од Убер, а притоа работел за отворање на нови работни места, како и задржување на работничките и социјални права на вработените во компании како Убер.

Европската комисија (ЕК) исто така се огласи по наводите дека меѓу политичарите со кои работел Убер била и Нили Кројс, поранешна комесарка за дигитална агенда на Европската Унија (ЕУ).

„Тоа што можам да објавам засега е дека Комисијата одлучи да испрати писмо до поранешната еврокомесарка Кројс за појаснување за информациите презентирани во медиумите“, изјави Балаш Ујвари портпарол на ЕК.

Ова се само дел од морето на протечени информации за начинот на кој бил управуван стартапот кој влезе во историјата како еден од најсилно поддржаните со капитал од фондовите за ризично инвестирање и беше славен како „еднорог“ според брзото освојување на пазарот и промена на традиционалниот начин на повикување такси.

TRT Balkan / агенции
Популарни