Американската компанија Вестингхаус ( Westinghouse) ќе ја изгради првата полска нуклеарна електрана по цена од околу 20 милијарди долари, откри полскиот премиер Матеус Моравецки.
Објаснувајќи им ја на новинарите процедурата, полскиот премиер Матеус Моравецки истакна дека Варшава речиси пет години работи на подготовки за вложување во нуклеарна енергија.
Според енергетската стратегија на Владата на Полска, планирана е изградба на шест нуклеарни електрани од вкупен капацитет помеѓу шест и девет гигавати (ГВ).
Првата електрана ќе се наоѓа во крајбрежниот регион Лубиатово-Копалино на северот на земјата. Првиот реактор ќе почне да работи во 2033 година и ќе произведува до 1,6 ГВ сила. Наредните реактори ќе се градат на секои две години.
Полскиот премиер потврди дека ќе бидат изградени уште две нуклеарни електрани, ослонувајќи се „не само на довербата на технологијата туку и на проверените партнери“.
Тој потврди дека со Јужна Кореја е склучен договор за втора електрана, а се планира и трета електрана.