Употребата на американскиот долар во трговијата меѓу земјите членки на БРИКС се намалува, тие постепено се движат кон употреба на националните валути, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Говорејќи преку видеоврска на почетокот на тридневниот самит на БРИКС во Јоханесбург, Јужна Африка, Путин истакна дека објективниот и неповратен процес на дедоларизација на економиите на БРИКС добива на темпо.
„Минатата година таа изнесуваше само 28,7 отсто. За време на овој самит детално ќе разговараме за цел спектар прашања поврзани со транзицијата кон националните валути во сите области на економска соработка меѓу нашите пет земји“, рече тој.
Путин истакна дека новата Банка за развој на БРИКС, како алтернатива на западните финансиски институции, има голема улога во тие напори.
Рускиот претседател, кој се соочува со меѓународна потерница поради наводни воени злосторства во Украина, не можеше лично да присуствува на самитот.
На самитот лично присуствуваат бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кинескиот претседател Си Ѓинпинг, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса и индискиот премиер Нарендра Моди.
БРИКС е блок на економии во развој што ги опфаќа Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Во моментов сочинува четвртина од глобалната економија, односно една петтина од глобалната трговија, во чии рамки живее над 40 отсто од светското население.
„Би сакал да истакнам дека уделот на земјите од БРИКС, со население од 3 милијарди луѓе, сега претставува речиси 26 отсто од глобалниот БДП“, рече Путин.
Тој, исто така, рече дека земјите од БРИКС се пред Г-7 во однос на паритетот на куповната моќ, кој за 2023 година се предвидува да изнесува 31,5 отсто наспроти 30 отсто кај земјите од групата Г-7.
Рускиот претседател понатаму истакна дека во последната деценија, меѓусебните инвестиции меѓу земјите од БРИКС се зголемени за шестпати.
Посочи дека соработката меѓу членките на БРИКС се заснова на принципите на еднаквост, партнерска поддршка и почитување на меѓусебните интереси.
Путин ги осуди санкциите наметнати на неговата земја, велејќи дека глобалната економска ситуација е сериозно погодена од нелегитимната практика на санкции и незаконското замрзнување имоти на суверени држави.