Поранешниот шеф на НАТО, Андерс Расмусен, изјави дека одредени земји членки на НАТО би можеле да размислат за распоредување војници во Украина доколку другите членки или генерално Алијансата не му понудат значајни безбедносни гаранции на Киев, особено на Самитот овој јули.
„Доколку НАТО не може да се договори за јасен пат во врска со Украина, постои јасна можност некои земји поединечно да преземат акција“, изјави за британскиот „Гардијан“, Расмусен, кој сега е советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски.
При посетата на различни европски престолнини и Вашингтон пред Самитот во Вилнус, Литванија, Расмусен ја нагласуваше важноста да ѝ се дадат на Украина писмени безбедносни гаранции, пишува весникот, но и во областите како што се размената на разузнавачки информации, поддршката за обука, производството на муниција и тековното снабдување со оружје.
Расмусен истакна дека иако овие гаранции се клучни, тие не треба да го засенат примарниот фокус на Украина на нејзиниот пат кон членство во НАТО.
„Знаеме дека Полска е многу ангажирана во обезбедувањето конкретна помош за Украина. И не би ја исклучил можноста Полска да се вклучи уште посилно во овој контекст на национална основа и да биде следена од балтичките земји, вклучувајќи ја и можноста за војници на терен“, рече тој.
Расмусен беше премиер на Данска од 2001 до 2009 година и генерален секретар на НАТО од 2009 до 2014 година, кога го наследи Јенс Столтенберг, актуелниот шеф на Алијансата.