Огромната брана, висока 30 метри и долга 3,2 километри, била изградена во 1956 година на реката Днепар    Фото: Ројтерс/Maxar

Меѓународната јавност го осуди уништувањето на браната „Каховка“ во јужна Украина која поради излевањето на водата доведе во опасност илјадници луѓе во регионот. Во меѓувреме траат меѓусебните обвинувања меѓу Москва и Киев за тоа кој е виновен за експлозијата во хидроцентралата.

Русија остро ги негира обвинувањата за минирање на браната „Каховка“, која испушти вода од пробиениот објект со што постои закана од големи поплави. Москва тврди дека тоа е „намерен“ чин на саботажа од страна на Киев.

„Нападот го изврши Киев и тој треба да сноси целосна одговорност за последиците“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифинг со новинарите во Москва.

„Претседателот доби извештаи од Министерството за одбрана и други агенции за тоа што се случува околу хидроцентралата Каховка... можеме недвосмислено да кажеме дека зборуваме за намерна саботажа од украинска страна“, нагласи тој.

Песков тврдеше дека Киев го извршил нападот поради неуспехот на неговата долгоочекувана контраофанзива, која, според него, „се гуши“.

Една од целите на Украина насочена кон критичната инфраструктура беше да го лиши Крим од вода, со која полуостровот се снабдува преку резервоарот „Каховка“.

Огромната брана, висока 30 метри и долга 3,2 километри, била изградена во 1956 година на реката Днепар како дел од хидроелектраната „Каховка“. Има и резервоар со капацитет од 18 кубни километри.

Столтенберг: Нападот на браната ја демонстрира бруталноста на Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, нападот на браната „Каховка“ во Јужна Украина го нарече „подмолен чин“.

Столтенберг на Твитер напиша дека нападот „уште еднаш ја демонстрира бруталноста на руската војна во Украина“.

Тој, исто така, истакна дека уништувањето на браната „става илјадници цивили во опасност и предизвикува сериозна штета на животната средина“.

Клеверли: Бомбардирањето на браната Каховка во Украина е воено злосторство

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли истакна дека бомбардирањето на браната „Каховка“ во Украина е воено злосторство и напад врз цивилната инфраструктура.

Британскиот министер Клеверли во објава на Твитер го опиша нападот како „страшен чин“.

„Нападот што како цел ја имаше цивилната инфраструктура е воено злосторство. Британија е подготвена да ја поддржи Украина и оние кои се погодени од оваа катастрофа“, рече тој.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски на Твитер напиша дека уништувањето на браната „потврдува пред целиот свет дека тие (руските сили) мора да бидат протерани од секој агол на украинската територија“.

Од друга страна, Владимир Леонтјев, челникот на градот Нова Каховка, на источниот брег на реката Днепар, кој е под руска контрола, преку Телеграм рече дека нападите во текот на ноќта на Украинските вооружени сили довеле до уништување на вентилите, а со тоа и до неконтролирано ослободување на водата низводно.

МААЕ: Нема директна опасност за нуклеарната централа Запорожје

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денес потврди дека „не постои непосреден ризик за безбедноста“ на нуклеарната централа Запорожје по оштетувањето на украинската брана „Каховка“.

Во соопштението на Агенцијата објавено на Твитер се вели: „МААЕ е свесна за извештаите за причинетата штета на украинската брана 'Каховка'; експерти на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје внимателно ја следат ситуацијата; не постои директен ризик за нуклеарната безбедност во централата“.

TRT Balkan / агенции
Популарни