Продажбата на автомобили на бензин е намалена за 3,3 проценти, а на дизел за 7,4 проценти     Фото: Reuters

Речиси половината од продадените возила во земјите од ЕУ во третиот квартал од 2022 биле хибридни или електрични. Податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) покажуваат дека електричните и хибридните автомобили во продажбата учествувале со 43 проценти.

Тоа претставува зголемување од три проценти во споредба со истиот период минатата година во делот на продажбата на електричните и хибридните возила.

Повеќе од еден од десет продадени автомобили или 11,9 проценти бил целосно електричен модел со нулта емисија на штетни гасови.

Европската унија ја поддржа ефективната забрана за нови возила со фосилни горива од 2035 година. Од ова произлегува дека сите автомобили ќе мора да бидат модели со нулта емисија.

Националните и локалните власти ги повлекуваат субвенциите за plug-in хибриди во корист на целосно електрични автомобили. Продажбата на plug-in хибрид автомобили опаднала за шест проценти во текот на третиот квартал.

Продажбата на автомобили на бензин е намалена за 3,3 проценти иако автомобилите на бензин се уште се најпопуларни во Европа со 37 проценти од пазарот. Дизел автомобилите имаат пад од 7,4 % и на пазарот се застапени со 16,5 %.

TRT Balkan / агенции
Популарни