Над 2 милијарди луѓе во светот немаат пристап до исправна и чиста вода за пиење. Се проценува дека 771 милион луѓе во светот немаат чиста вода за пиење ниту близу до нивните домови.
Ова го покажуваат податоците во извештаите на Обединетите нации, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ за последниве две години.
Заедничката програма за мониторинг на Обединетите нации и Светската здравствена организација за безбедна вода за пиење откри дека луѓето кои немаат пристап до неа во моментов се претежно лоцирани во Африка.
Јужна и Централна Америка, од друга страна, нудат основни услуги за вода за пиење на најмалку три четвртини од населението во сите земји, освен на Хаити.
Со вакви поразителни податоци светот годинава ќе го одбележи 18 септември, Меѓународниот ден за мониторинг на водата.
Најчести причини за загадување
Контаминацијата со фекалии во денешни услови претставува најголем ризик за водата за пиење. Присуството на арсен или други штетни хемиски материи исто така е фактор кој во голема мера во светски рамки можат да влијаат на загадување на водата.
Загадената вода може да биде причина за акутни респираторни и стомачни инфекции, тропски болести. Дијареа, колера, тифус, дизентерија се само дел од болестите кои може да ги добијат луѓето кои пијат загадена вода. Според податоците од Обединетите нации во светот секоја година има 485 000 смртни случаи од дијареа.
Во 2020 година, Статиста излезе со податок дека повеќе луѓе починале од небезбедна вода за пиење отколку од воени конфликти и природни катастрофи. Бројот на жртви од нечиста вода изнесувал 485.000, од природни катастрофи 8.200, а од воени конфликти 87.400.
Човековото право на чиста вода е признато од Генералното Собрание на Обединетите нации во 2010 година. Климатските промени, зголемениот недостиг на вода, растот на населението, демографските промени и урбанизацијата веќе претставуваат предизвици за системите за водоснабдување.
Од кога се одбележува 18 септември?
18 септември како Светски ден за следење на водата се одбележува од 2003 година. Се работи за глобална иницијатива за ангажирање на луѓето од сите возрасти во целиот свет за следењето на состојбата на сите водни текови во нивната околина. Целта е граѓаните преку едноставни тестови да можат вршат основен мониторинг на локално ниво, размена на податоци во меѓународни рамки и едукација и преземање мерки за заштита на водните ресурси.
Климатските промени, зголемениот недостиг на вода, растот на населението, демографските промени и урбанизацијата веќе претставуваат предизвици за системите за водоснабдување.