Годишната инфлација во Франција достигна нов рекорд во октомври поради повисоките трошоци за енергија, храна и индустриски производи, покажуваат прелиминарните податоци објавени во петокот.
„Потрошувачките цени се зголемија за 6,2 отсто на годишно ниво во октомври, во однос на 5,6 отсто во септември“, соопшти Националниот институт за статистика и економски студии.
Ова е најголем годишен раст од јуни 1985 година. Цените на енергијата во октомври забележаа годишен раст од 19,2 отсто, додека пред еден месец растот беше 17,9 отсто. Прехранбените производи на годишно ниво се зголемени во октомври за 11,8 отсто, а индустриските производи за 4,2 отсто.
На месечно ниво, индексот на потрошувачките цени во октомври се зголеми за 1 отсто на месечно ниво, по намалувањето од 0,6 отсто во септември.