Русија во четвртокот ја отфрли идејата земјите-членки на НАТО да испратат мировници во Украина во случај на договор за прекин на огнот во руско-украинската војна, предупредувајќи дека таквиот потег може да доведе до „неконтролирана ескалација“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека идејата е целосно неприфатлива за Русија.
На брифингот со новинарите таа ги коментираше неодамнешните изјави на британскиот премиер Кир Стармер и германскиот министер за одбрана Борис Писториус дека нивните земји би можеле да испратат војници во мировните сили во Украина.
Писториус во интервју за весник на 18 јануари рече дека Германија, најголемиот партнер на НАТО во Европа, „очигледно ќе има улога“ и дека за ова прашање ќе се разговара во догледно време.
Кремљ во четвртокот соопшти и дека е подготвен за дијалог со американскиот претседател Доналд Трамп со взаемно почитување, откако Трамп се закани со нови санкции ако Русија не постигне договор со Украина за прекин на конфликтот.
„Време е да се постигне договор. Не сакам да и наштетам на Русија. Го сакам рускиот народ и отсекогаш сум имал многу добри односи со претседателот Владимир Путин“, напиша Трамп во средата на својата социјална мрежа „Вистина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот рече дека не гледа „ништо особено ново“ во првичните изјави на Доналд Трамп во врска со Украина.
„Доналд Трамп беше американскиот претседател кој најмногу ги користеше овие методи на санкции. Остануваме подготвени за дијалог, за дијалог на рамноправна основа и со взаемно почитување“, рече Пексов.
„Во неговиот прв мандат имаше таков дијалог со Путин“, оцени тој, додавајќи дека Кремљ се уште чека „сигнали“ во тој поглед од Белата куќа.
Трамп неколку пати изјави дека се подготвува да разговара со рускиот претседател, но не кажа кога тоа би можело да се случи.
Путин изјави и дека е подготвен да се сретне или да разговара со својот американски колега.
Трамп во средата и се закани на Русија со нови санкции доколку „сега“ не склучи договор со Украина за да стави крај на конфликтот што започна пред три години.
„Ако не постигнеме договор, брзо, нема да имам друг избор освен да ги зголемам даноците, тарифите и санкциите за сè што Русија може да им продаде на Соединетите држави, како и на другите земји што ќе се приклучат“, рече Трамп.