Комуникациските системи не се загрозени, а истражителите не откриле безбедносни пропусти во воените комуникациски системи, рече Писториус / Photo: AA

Русите пресретнале телеконференција на офицери на германската армија со пристап до интернет мрежата на хотел, изјави во вторникот германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Писториус на прес-конференција во Берлин изјави дека инцидентот со прислушувањето се случил додека еден од воените офицери бил во посета на Сингапур и се приклучил на телеконференција од хотелска соба.

Тој нагласи дека комуникациските системи не се загрозени и додаде дека истражителите не откриле безбедносни пропусти во воените комуникациски системи или сервери за податоци.

"Телеконференција меѓу офицерите на воздухопловните сили можеше да биде пресретната поради индивидуална грешка. Не сите учесници ја следеа процедурата како што е пропишано. Според досегашните сознанија, учесникот во Сингапур бил поврзан преку неовластена врска", рече Писториус.

Тој рече дека, според првичната истрага, воениот офицер се приклучил на телеконференцијата преку необезбедени линии за податоци, јавна интернет конекција на хотелот или мобилна комуникациска мрежа, кои биле пресретнати од Русите.

Германската влада се најде под огромен притисок по скандалот со прислушувањето, бидејќи минатата недела во руските медиуми беше пресретната и објавена дискусија на германски воени офицери за војната во Украина.

Во аудио снимките, началникот на германските воздухопловни сили генерал Инго Герхарц и високите воени офицери разговараа за можната испорака на ракети со долг дострел Таурус во Украина и нивната потенцијална употреба за уништување на мостот Керч што го поврзува Крим со Русија.

Во 38-минутната снимка може да се слушне како воени офицери разговараат за различни сценарија во случај на одлука на германската влада да и достави на Украина ракети Таурус и дали украинската војска би можела да го користи ова оружје без учество на германските воздухопловни сили и техничките и разузнавачките сили како поддршка.

Дискусијата вклучуваше и можни „трикови“, како на пример обезбедување на Украина со сателитски снимки, податоци и разузнавачки информации преку трети страни за да се избегне директно вклучување во конфликтот.

Минатата недела германскиот канцелар Олаф Шолц го повтори своето противење за снабдување на Украина со ракети Таурус со долг дострел, предупредувајќи дека тоа може да доведе до директен конфликт меѓу Русија и НАТО.

AA
Популарни