Пет цивили, меѓу кои и болничар, возач на брза помош и 24-годишна трудница, загинале, а 66 лица, меѓу кои шест деца, се повредени во нападот на украинските сили / Photo: AA

Русија денес прогласи федерална вонредна состојба во регионот Курск, каде што судирите со украинските војници траат веќе четири дена.

Министерството за вонредни состојби ја соопшти одлуката по состанокот на владината комисија за превенција и справување со вонредни ситуации.

„Дискусијата беше за ситуацијата во регионот Курск поради нападот на Украинските вооружени сили. Во регионот е воспоставено федерално ниво на одговор“, се наведува во соопштението.

Во текот на ноќта од понеделник кон вторник Украина го засили гранатирањето на регионот Курск. Артилерискиот бараж беше проследен со упад на украинската пешадија, поддржана од тенкови и оклопни возила, во близина на градот Суџа.

Руското Министерство за одбрана првично во вторникот објави дека 300 украински војници, 11 тенка и 20 оклопни возила ја преминале руската граница.

Но во средата началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, тврдеше дека околу 1.000 украински војници биле вклучени во борбите.

Експертите сугерираат на неколку можни цели на нападот, вклучително и уништување на станицата за гас во Суџа - преку која Русија транспортира гас во Европа - пренасочување на руското командно внимание од Донбас, прекинување на железничката траса за снабдување на руските сили во регионот Харков во Украина и зајакнување на моралот на украинската армија.

Руските власти, исто така, изразија загриженост за нуклеарната централа во Курск, која се наоѓа во близина на борбите и чија безбедност наводно е зајакната, соопшти рускиот гардиски корпус.

Локалните власти на Курск известија дека пет цивили, меѓу кои и болничар, возач на брза помош и 24-годишна трудница, загинале, а 66 лица, меѓу кои шест деца, се повредени во нападот на украинските сили.

Наредена е голема евакуација на неколку илјади луѓе од борбената зона.

AA
Популарни