Руските сили веќе ги потиснуваат украинските трупи од регионот Курск, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Говорејќи на состанокот со шефовите на дипломатските мисии во Москва, Лавров се осврна на тековната ситуација околу Украина и го опиша упадот во регионот Курск како „дел од нападите на Украина врз цивилната инфраструктура“.
„Гледаме пораст на нападите врз цивилни цели, како што покажа упадот на Украинските вооружени сили во регионот Курск, со терористички намери. Тие сега континуирано се потиснуваат, протеруваат и нема сомнение дека овој процес ќе продолжи“, рече Лавров.
Министерот нагласи дека украинската армија продолжува да таргетира цивили во регионите Белгород и Брјанск и периодично изведува напади со дронови во други погранични области на Русија.
Генерал-мајор Апти Алаудинов, заменик-шеф на Главната воено-политичка управа на Руските вооружени сили и командант на Единицата на специјални сили „Ахмат“, вчера изјави дека руските сили ослободиле 10 населени места во регионот Курск.
Руските сили започнаа контраофанзива против украинските војници во руската област Курск, потврди руското Министерство за одбрана, откако информацијата првично беше објавена од воени блогери.
Проукраинските блогери објавија и тешки борби во дел од окупираната руска територија.
Каналот Mаш Tелеграм, кој тврди дека има врски со руските органи на прогонот, објави дека Русија е во средина на „локална контраофанзива во регионот“ и дека московските сили напреднале на 150 квадратни километри.
Популарниот украински блог за војната – „Длабока држава“ објави дека ситуацијата во Курск е „влошена“ и дека руските сили почнале „активни офанзивни операции“.
Борбите во регионот Курск продолжуваат, каде што украинските сили започнаа упад на 5 и 6 август, како и во Источна Украина, каде што Русија тврди дека напредува на неколку фронта.