Русија денес соопшти дека нејзините војници ги спречиле украинските сили да ја пробијат границата во регионот Курск во земјата.
„Денес доаѓаат информации од областите Суџански и Кореневски за обиди украинските вооружени сили да се пробијат на територијата на регионот Курск“, соопшти гувернерот Алексеј Смирнов преку Телеграм.
Областите Суџански и Кореневски се граничат со североисточниот украински регион Суми.
Граничната служба на руската Федерална служба за безбедност ги спречила украинските војници да ја пробијат границата, додаде Смирнов.
Претходно Смирнов истакна дека градот Суџа, кој се наоѓа на околу 10 километри од украинската граница, бил гранатиран од украинска страна во текот на ноќта, при што биле повредени пет лица, меѓу кои три деца.
Тој додаде дека сериозно се оштетени и неколку станбени објекти.
Од украинските власти сѐ уште нема коментар за тврдењата.