Русија објави дека Украина употребила два брода без екипаж во обид да нападне патролен брод доделен на руската флота во Црно Море и дека обидот за напад бил неуспешен.
„Во текот на одбивањето на нападот, двата непријателски чамца на далечинско управување беа уништени од стандардното оружје на рускиот брод на растојание од 1.000 и 800 метри. Немаше жртви“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Русија.
Се додава дека рускиот брод „Сергеј Котов“ ја контролира пловидбата во југозападниот дел на Црно Море на само 370 километри од градот Севастопол на Крим. Русија илегално го анектираше Крим во 2014 година.
„Бродот на Црноморската флота 'Сергеј Котов' продолжува да ги исполнува своите задачи“, се нагласува во соопштението.
Украинските власти сè уште не ги коментирале овие тврдења, а независната проверка е комплицирана од тековната војна.