Русија денес воведува санкции против 81 европски медиум, ограничувајќи го нивниот пристап.
Како одговор на забраните за руската државна новинска агенција РИА, дневниот весник „Росискаја газета“ и мултимедијалниот центар „Известија“, „се воведуваат контра ограничувања“ за медиумите од одредени земји од Европската Унија и паневропските медиумски оператори, објави Министерството за надворешни работи на Русија на својата веб-страница.
Во соопштението на руското Министерство се наведува дека се „принудени“ да преземат „реципрочни мерки“, додавајќи дека доколку бидат укинати санкциите против руските медиуми, и Москва ќе го стори истото за странските медиуми од одредени земји.
Меѓу санкционираните се и големите медиуми како „Дер Шпигел“, агенцијата „Франс прес“, шпански „Ел Мундо“, француски „Ле Монд“...
Советот на ЕУ вчера одобри забрана за сите медиумски активности на руските медиуми на територијата на Европската Унија.