Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека Украина би можела да се соочи со најпредизвикувачката зима од почетокот на војната во Русија во 2022 година.
Руте ги повика сојузниците од НАТО да ги зголемат своите резерви на оружје за да го поддржат Киев пред, како што рече, потенцијално брутална зимска кампања.
„НАТО мора и ќе направи повеќе за да и помогне на Украина. Русија продолжува да изведува масовни напади против критичната енергетска инфраструктура на Украина. Украина би можела да се соочи со најтешката зима од почетокот на инвазијата во целосен обем. Колку повеќе воена поддршка даваме, толку побрзо ќе заврши оваа војна“, додаде тој.
Руте, кој ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО овој месец, ја нагласи потребата од континуирана воена и хуманитарна поддршка за Украина.
Неговите коментари следат по посетата на Киев минатата недела, каде што тој ја процени ситуацијата на терен и разговараше за натамошната помош на НАТО со украинските претставници.
Руте призна дека ситуацијата на бојното поле останува тешка за Украина, особено поради тоа што руските сили напредуваат во источните региони. Сепак, тој нагласи дека овие достигнувања имаат значителна цена за Москва.
„Мораме да земеме предвид и дека руските загуби се огромни. Тие сега изнесуваат околу 1.000 убиени и повредени секој ден“, рече Руте, додавајќи дека вкупните руски жртви од почетокот на војната достигнале околу 500.000 убиени или ранети.