Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ) и девет земји ги повикаа Израел и Либан да се согласат на привремен прекин на огнот поради ескалацијата на тензиите, јавува Анадолу.
Во заедничката изјава САД, Австралија, Канада, ЕУ, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар ја опишаа ситуацијата меѓу двете земји од 8 октомври како „неподнослива“.
Ситуацијата „претставува неприфатлив ризик од поширока регионална ескалација“, нагласија тие. „Ова не е во ничиј интерес, ниту на народот на Израел ниту на народот на Либан.“
Во соопштението се посочува дека е време за финализирање на дипломатската спогодба за враќање на цивилите во нивните домови.
„Дипломатијата сепак не може да успее во услови на ескалација на овој конфликт“, се нагласува во соопштението.
„Затоа, повикуваме на итен 21-дневен прекуграничен прекин на огнот меѓу Либан и Израел, со цел да се обезбеди простор за дипломатија за реализирање на дипломатско решение во согласност со Резолуцијата 1701 на СБОН и спроведување на Резолуцијата 2735 на СБСОН во врска со прекинот на огнот во Газа“, се вели.
„Ги повикуваме сите страни, вклучително и владите на Израел и Либан, веднаш да го поддржат привремениот прекин на огнот во согласност со Резолуцијата 1701 на СБОН во овој период и да дадат вистинска шанса за дипломатско решение“, се истакнува во соопштението.
Тие, исто така, порачуваат дека се подготвени целосно да ги поддржат сите дипломатски напори за постигнување договор меѓу Либан и Израел во овој период.
Во претходна изјава американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон рекоа дека размената на огнот се заканува со избувнување на многу поширок конфликт и поголема опасност за цивилите.
„Затоа последниве денови работевме заедно за заеднички повик за привремен прекин на огнот, со цел да ѝ дадеме шанса на дипломатијата да успее и да избегне натамошни прекугранични ескалации“, се наведува понатаму.
„Повикуваме на широка поддршка и на итна поддршка од владите на Израел и Либан“, се додава.
Регионалните тензии ескалираа поради смртоносните воздушни напади на Израел врз Либан од понеделникот, во кои загинаа речиси 610 луѓе, а над 2.000 се повредени, според либанските здравствени власти.
Либанската група Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 41.400 луѓе, главно жени и деца.
Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста од регионално проширување на конфликтот од Газа.