Се разгорува конфликтот во Црвеното Море / Фото: Reuters

Хутските бунтовници во Јемен предводени од Али ал Кахум најавија возвратни напади откако нивните бази беа таргетирани од САД и Велика Британија на повеќе локации.

Воздушните напади следат откако бунтовниците вршеа напади во Црвеното Море на повеќе комерцијални и воени бродови, а причините за ваквите операции е да се изврши притисок врз западните сили по војната на Израел во палестинска Газа.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека нападите во Јемен покажуваат дека САД и нивните сојузници „нема да толерираат“ напади на Хутите врз бродовите.

„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на Хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море, вклучително и употребата на противбродски балистички ракети за првпат во историјата“, рече Бајден.

Ал Кахум посочи дека се насочени кон американски и британски воени бродови во Црвеното Море како реакција на нападите врз Јемен.

„Јеменските вооружени сили силно реагираат на американските и британските воени бродови во Црвеното Море, предизвикувајќи жестока војна во Црвеното Море и гаѓајќи ги американските и британските воени локации и бази... и она што доаѓа е поголемо“, стои во соопштението на бунтовниците.

„Американско-ционистичко-британската агресија против Јемен лансираше неколку напади врз главниот град Сана, врз Худаида, Саада и Дамар“, посочи Абдул Кадер ал Мортада функционер на Хутите на социјалната мрежа X.

„Нашата земја беше подложена на масовен агресивен напад од американски и британски бродови, подморници и воени авиони“, рече заменик-министерот за надворешни работи на Хутите, Хусеин ал Ези, пренесуваат бунтовничките медиуми.

„Америка и Британија ќе мора да се подготват да платат висока цена и да ги сносат сите страшни последици од оваа бесрамна агресија“, рече тој.

Висок претставник на администрацијата рече дека иако САД очекуваат дека нападите ќе ги намалат способностите на Хутите, „не би биле изненадени да видиме некаков одговор“, иако тие сè уште не виделе ништо.

Новинарите на АП во Сана слушнале четири експлозии, но не виделе траги од воени авиони. Двајца жители на Худаида, Амин Али Салех и Хани Ахмед, изјавија дека слушнале пет силни експлозии.

Худаида е град на Црвеното Море и е најголемото пристаниште управувано од Хутите.

Експлозии слушнале и жители на Таиз, југозападен град во близина на Црвеното Море.

Ал Масира, сателитски информативен канал управуван од Хутите, ги опиша нападите врз воздухопловната база Ал Даилами северно од Сана, аеродромот во пристанишниот град Худаида, кампот источно од Саада, аеродромот во градот Таиз и аеродромот во близина на Хаџа.

TRT Balkan / агенции
Популарни