Руските власти сѐ уште не го коментираа нападот / Photo: Reuters

Најмалку седум лица загинаа, а 16 се повредени во руски ракетен напад врз Харков, втор град по големина во Украина.

Гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, преку Телеграм изјави дека како последица на рускиот масовен ракетен напад во областа Основијански во Харков, според обновените информации, загинале седум лица.

Тој додаде дека е погодена локална печатница, а напади се регистрирани и во градот Љуботин, на околу 25 километри од Харков.

Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека во градот во тек се операции за пребарување и спасување.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски на социјалната мрежа Х напиша дека Русија лансирала 15 проектили одеднаш кон Харков и Љуботин.

Тој истакна дека Русија го искористува тоа што Украина нема доволно противвоздушна одбрана и способност да ги уништи ракетните фрлачи блиску до границата меѓу двете земји.

„И тоа не е наша слабост, туку на светот што три години не се осмелува да се справи со терористите така како што заслужуваат“, нагласи тој.

Зеленски, исто така, рече дека им е благодарен на сите што ѝ помагаат на Украина, но дека им треба „поголема решителност, особено од светските лидери“.

Руските власти сѐ уште не го коментираа нападот.

Воздушните напади во североисточниот украински регион Харков се интензивираа откако руските сили се обидоа да ја нарушат одбраната на земјата во регионот на 10 мај, отворајќи нов фронт во над двегодишниот конфликт што е концентриран во источниот и јужниот дел на земјата.

Оттогаш судирите во регионот се интензивираа, особено во близина на Вовчанск, кој се наоѓа на околу 74 километри од Харков.

Русија тврди дека презела контрола врз повеќе гранични населени места од почетокот на нејзината офанзива на фронтот Харков, како и на други фронтови, вклучително и Доњецк.

AA
Популарни