Една третина од децата во светот, односно околу 774 милиони деца, се во опасност од двојно повисоки последици на сиромаштија и климатска криза, се наведува во новиот извештај на „Спасете ги децата“ (Save the Children).
„Спасете ги децата“ и Универзитетот Врије во Белгија објавија извештај „Генерации на надежта: 2,4 милијарди причини за завршување на глобалната климатска криза“, во кој се собрани мислења на 54.000 деца.
Според извештајот, 774 милиони деца ширум светот погодени се најмалку од еден екстремен климатски настан.
Јужен Судан е единствената земја со најголем број загрозени деца, бидејќи нема капацитет да се заштити ниту од климатската криза, ниту од сиромаштијата. Дури 87 отсто од децата во Јужен Судат чувствуваат последици од овие две кризи. На листата следува Централноафриканската Република со 85 отсто и Мозамбик со 80 отсто.
Земја со најголем број деца во сиромаштија и климатска криза е Индија со 223 милиони деца, потоа Нигерија со 58 милиони деца и Етиопија со 36 милиони деца.
Според извештајот, во кој се наведува дека 28 милиони деца во богатите земји и 121 милион деца во земјите со висок доход се соочени со овие два феномена, две петтини од тие деца, отприлика 12 милиони, живеат во САД и Англија.
Од друга страна, 183 милиони деца во светот се соочени со закана од судири како трет ризик, покрај овие два.
Додека 63 отсто деца во Бурунди, 55 отсто деца во Авганистан и 41 отсто деца во Централноафриканската Република ги доживуваат овие три закани, во извештајот се наведува дека климата и нееднаквоста ги зголемуваат овие кризи.