Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денес се собраа на неформален состанок во Прага, Чешка, за да разговараат за прашањата од дневниот ред на Алијансата, особено за поддршката за Украина.
Состанокот е своевидна подготовка за самитот на НАТО што ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули годинава.
Точките на дневниот ред на состанокот се тековните планови на одбраната и нивно зајакнување, зголемување на поддршката за Украина и зајакнување на односите со партнерите во азиско-пацифичкиот регион.
Се очекува на дневен ред на состанокот да биде ставена идејата на генералниот секретар Јенс Столтенберг да се дозволи оружјето што на Украина ѝ го испорачуваат сојузничките земји да се користи за напади на цели во Русија.
Столтенберг во изјавите пред состанокот истакна дека Русија отворила нов фронт и нагласи дека за Украина е важно да може да користи НАТО-оружје за гаѓање на руска територија за да се одбрани.
На дневен ред се очекува да биде и друга важна точка, кој ќе го замени генералниот секретар Столтенберг, чиј мандат завршува на 1 октомври.
Планирано е сојузниците да постигнат консензус меѓу актуелните кандидати, романскиот претседател Клаус Јоханис и холандскиот премиер Марк Руте, а одлуката ќе биде објавена на самитот во Вашингтон.
Министрите за надворешни работи на НАТО се состануваат еднаш годишно во неформален формат во една од земјите сојузнички и разговараат за подготовките за годишниот самит.
Во воведниот говор чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски го изрази своето задоволство од можноста да биде домаќин на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во палатата Черњин, во која беше ставен крај на Студената војна.
Липавски наведе дека последниот состанок на НАТО во неговата земја се одржал пред 22 години и дека во тој период се зголемил бројот на земјите членки и укажа на важноста НАТО да ги отвори вратите за новите членки, особено за Украина.
„Потребно е да се заземе силен и решителен пристап против руските кибернапади. Затоа што Русија не ѝ се заканува само на Украина, туку и на сите нас“, рече тој.