Шефовите на дипломатиите на Туркије и САД разговараа во Лондон / Photo: МНР на Туркије

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се состана во Лондон со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, а на состанокот е разговарано за низа теми, вклучувајќи го прашањето на пристапнувањето на Шведска во НАТО, билатералната соработка во секторот на одбраната, како и билатералните врски.

Состанокот е одржан вчера во Лондон, каде шефовите на турските и американските дипломатии допатуваа со цел да учествуваат на конференцијата за опоравување на Украина. „Тука сме во Лондон да ја покажеме нашата поддршка за Украина“, рече Фидан пред состанокот.

Нагласувајќи дека не е тајна дека Анкара и Вашингтон можеби не се согласуваат за секое прашање, Фидан рече дека нивниот долгогодишен сојуз во рамките на НАТО и другите платформи ги принудува да продолжат да работат заедно.

Потсетувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Џо Бајден минатата година воспоставија турско-американски стратешки механизми во шпанската престолнина Мадрид, Фидан рече дека целта на механизмот е да се решат отворените прашања и да се истражат можностите за подлабока соработка.

Од друга страна, Блинкен рече дека е задоволство да се состане со „долгогодишниот колега“ Хакан Фидан, новиот министер за надворешни работи на Туркије, кој претходно беше шеф на Турската разузнавачка служба (МИТ).

Говорејќи со пофалби за билатералните односи на Анкара и Вашингтон, Блинкен рече дека САД и Туркије работат заедно на најважните, витални прашања. Тој истакна дека во текот на состанокот на дневен ред се најавениот самит на НАТО, пристапувањето на Шведска во алијансата и одбранбената соработка помеѓу САД и Туркије, како и билатералните односи.

„Одиме напред, низа прашања, вклучувајќи ја енергетската и економската соработка, но односот на нашите земји е длабок и богат“, додаде Блинкен.

AA
Популарни