Шест членки на ЕУ го повикаа 27-члениот блок привремено да ги прекине санкциите кон Сирија во областа на транспортот, енергијата и банкарството, објави Ројтерс, повикувајќи се на документ што го видел.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата ќе разговараат за ова прашање на состанокот во Брисел на 27 јануари.
Европските лидери почнаа да ја преиспитуваат својата политика кон Сирија по соборувањето на Башар ал Асад во молскавична офанзива на бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Во документот, потпишан од Германија, Франција, Холандија, Финска, Данска и Шпанија, се наведува дека ЕУ треба веднаш да започне со прилагодување на санкциите.
Исто така, се предупредува дека ако очекувањата на ЕУ во однос на почитувањето на човековите права и малцинствата не се исполнат, преостанатите санкции можеби нема да бидат укинати, а оние што веќе се отстранети би можеле да бидат вратени.
САД минатата недела издадоа шестмесечно откажување од санкциите за трансакции со владејачките институции во Сирија во обид да го олеснат протокот на хуманитарна помош.
Шестте споменати членки на ЕУ веруваат дека Унијата треба да ги укине санкциите поврзани со летовите на цивилната авијација, да ги разгледа санкциите за стоки со висока вредност, да ја укине забраната за извоз на технологијата за нафта и гас и повторно да ги отвори финансиските канали меѓу ЕУ и Сирија.
Санкциите против членовите на администрацијата на Асад и нивните поддржувачи ќе останат на сила.
Укинувањето на санкциите за ХТС, која е на списокот на терористички организации на САД, ЕУ, а исто така и ОН, и за некои бунтовнички водачи поради нивното поранешно поврзување со исламистичката сунитска Ал Каеда ќе се дискутира на ниво на ОН и ќе се координира со блиски партнери, се вели во документот.
Ова, се додава, ќе зависи од заедничката проценка на ХТС и нејзиниот водач Ахмед ал Шара и ситуацијата на теренот во Сирија.
Каја Калас, шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, во неделата рече дека министрите за надворешни работи ќе се состанат во Брисел на 27 јануари за да одлучат како блокот од 27 земји може да ги намали санкциите кон Сирија. Таа во неделата во Ријад се сретна со новиот сириски министер за надворешни работи, Асад Хасан ал-Шибани.
„Сега е време новото сириско раководство да го исполни своето ветување преку мирна и инклузивна транзиција која ги штити сите малцинства“, рече Калас.
Таа посочи дека европската одлука за ублажување на санкциите ќе зависи од пристапот на новата сириска администрација за управување со земјата, нагласувајќи дека ЕУ сака да вклучи различни групи и жени, без радикализација.