Многу африкански земји имаат значително поголем потенцијал кога станува збор за обновливата енергија, рече Шолц / Photo: AA

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот повика на поблиска соработка меѓу Европската унија и африканските земји во областа на обновливите извори на енергија.

Во обраќањето на Германско-африканскиот инвестициски самит во Берлин, Шолц рече дека европските земји треба да ги поддржат африканските земји во развој на полето на енергетски решенија поволни за климата.

„Ако го изберат истиот пат на развој низ кој поминавме во Европа или Северна Америка пред околу 150 години- со нафта, јаглен и гас, тогаш нашата планета нема да може да се справи“, рече Шолц.

Тој нагласи дека поблиската соработка меѓу ЕУ и африканските земји може да го промовира социјалниот и економскиот развој, а истовремено да ја заштитува животната средина.

„Обновливите извори на енергија, технологиите погодни за климата, изградбата на водородна економија во многу земји и континенти, економската диверзификација, сето тоа би обезбедило неверојатен потенцијал за посилна соработка меѓу нас“, рече Шолц, додавајќи дека оваа соработка ќе биде од корист за двете страни.

Водородната економија значи идни економии со доминантно потпирање на водородни горива, кои многу помалку ја загадуваат животната средина од сегашните јаглеводородни.

Шолц истакна дека Германија ѝ придава големо значење на Африка како дел од нејзината политика за енергетска транзиција и цели за заштита на животната средина.

„Многу африкански земји имаат значително поголем потенцијал од нас кога станува збор за обновливата енергија и конкурентното производство на водород. Убеден сум дека во оваа смисла има големи можности за проширување на соработката меѓу германските и африканските компании“, рече Шолц.

На крајот, тој посочи дека Германија ќе обезбеди дополнителни четири милијарди евра до 2030 година за поддршка на инвестициите во рамките на Иницијативата за зелена енергија Африка-ЕУ.


AA
Популарни