Шпанските власти денеска соопштија дека предупредувањето за невреме е спуштено од највисокото ниво, откако невремето го погоди јужниот дел на Малага и источна Валенсија.
Локалните власти ги задржаа портокаловите предупредувања, второто највисоко ниво, и соопштија дека властите ќе бидат во состојба на готовност во Андалузија и Валенсија, наведувајќи ја можноста за нови бури во провинциите Хуелва, Кадиз, Севиља, Аликанте и Валенсија.
Вчера, невремето предизвика големи поплави, особено околу Малага.
Болницата во Малага беше поплавена и мораше да ја прекине во поголем дел работата. Над 4.000 луѓе се евакуирани од своите домови, а полицијата спроведе 30 спасувачки мисии.
„По она што се случи во Валенсија, граѓаните сфатија дека треба да реагираат на предупредувањата со дисциплина и соработка“, изјави градоначалникот на Малага, Франциско де ла Торе.
Во подрачјето е причинета материјална штета и откажани се летови, автобуси, железнички услуги и наставата, но немаше загуба на животи. Околу половина милион деца од Андалузија вчера отсуствувале од училиште.
„Забраната за автомобили е укината, а училиштата повторно се отворени од пладне, откако најлошото невреме помина“, рече портпаролката на Комитетот за вонредни состојби во Валенсија, Роса Турис.
Се очекува повторно да сообраќаат брзите возови меѓу Мадрид и Валенсија, а обновена е и врската меѓу Валенсија и Барселона, соопшти Министерството за транспорт.
На 29 октомври, катастрофални поплави се случија во провинцијата Валенсија и други области, во кои, според последните податоци, загинати се најмалку 224 луѓе.
Поплавите сега се сметаат за најлошата природна катастрофа во поновата историја на Шпанија, за која централната влада веќе најави околу 14 милијарди долари помош за обнова.
Делот од Валенсија најуништен во октомвриските поплави за синоќа се подготвуваше за пообилни врнежи.
Но, „нултата точка“ на поплавите успеа да ги избегне поројните дождови кои можеа да предизвикаат дополнителен хаос, особено поради затнатите канализациски системи со огромни количини кал од претходните поплави.
Меѓутоа, во делови од Валенсија имаше поплави и обилни дождови до 90 литри на метар квадратен за само два часа.
Иако медитеранската област е навикната на поплави и силни бури, експертите велат дека овие настани ќе станат сè почести и помоќни, „благодарение“ на климатските промени.
За време на говорот на КОП29 оваа недела, шпанскиот премиер Педро Санчез ја стави вината за смртта на над 220 негови сонародници на климатските промени и повика на акција за ограничување на емисиите на стакленички гасови.
„Да не одолговлекуваме. Знаеме што е проблемот и што треба да се направи. Видовме како владите се колебаат и одат наназад само за да ги направат богатите побогати. Оваа формула нѐ води кон катастрофа“, рече тој.