Протестите на фармерите во Шпанија се интензивираа, а трактори блокираа неколку големи градови, автопати и пристаништа.
Демонстрациите „Супер среда“, како што ги нарекува шпанската јавност, а организирани главно од синдикатите, ги блокираа сите главни премини кон Севиља, четвртиот по големина град во Шпанија.
Шпанската сообраќајна управа ДГТ објави дека тракторите биле и на неколку други автопати низ Андалузија, Екстремадура и околу каталонскиот град Жирона.
„Ел Паис“ објави дека пристаништата Тарагона и Мотрил утринава биле целосно блокирани.
Во Мадрид, демонстрантите беа огорчени откако владата ги забрани протестите околу Меркамадрид, главниот шпански пазар на големо за свежи производи, само неколку часа пред да се одржат.
Во провинцијата Гранада, земјоделците запреа камион со марокански чери домати и ги истурија на патот.
Една од клучните поплаки на земјоделците е дека се соочуваат со „нелојална“ конкуренција од земји кои не се членки на ЕУ, кои не мора да ги почитуваат истите еколошки и работнички стандарди и затоа можат да ги продаваат своите производи поевтино.
Земјоделците бараат и поедноставени бирократски процедури, спроведување на закон кој им забранува на земјоделците да продаваат производи под цената, поголема владина поддршка и промени за низа локални прашања, од управување со дивиот свет до правилата за користење на водата.
Шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас во среда ќе се сретне со претставници на супермаркети, дистрибутери и други претставници на системот за храна. На тој состанок ќе ги анализираат цените и како да се осигураат дека земјоделците се платени над трошоците за производство.
Во четврток тој ќе се сретне со претставници на главните земјоделски синдикати.