Шпанскиот премиер во Кина: Никој не сака економска фрагментација или војна / Photo: Reuters

По пристигнувањето во Кина денес, шпанскиот премиер Педро Санчез застана во заштита на меѓународната соработка околу трговијата, климатските промени и војната во Украина.

„Нашите гледишта може да бидат различни во одредени области, но треба да продолжиме да градиме мостови и наша меѓусебна доверба“, рече Санчез за време на неговото обраќање на Форумот за Азија во Боао, на кинескиот остров Хаинан.

Утре Санчез ќе стане третиот европски лидер што ќе го посети кинескиот претседател Си Ѓинпинг од избувнувањето на пандемијата, по германскиот канцелар и претседателката на Европскиот совет кон крајот на минатата година.

Пред посетата Санчез рече дека војната во Украина ќе биде клучна тема во неговите разговори со Си.

„Важно е од прва рака да се разбере неговиот став за мирот во Украина и да му се даде до знаење дека Украинците ќе бидат тие што ќе ги постават условите за мир“, изјави Санчез за медиумите минатата недела.

Сепак, неговата реторика на Форумот во Боао имаше понеутрален и кооперативен тон.

Шпанскиот премиер пред присутните изјави дека во текот на минатата недела се сретнал со над 40 светски лидери на Иберо-американскиот самит и на состанокот на Европскиот совет.

„На секој состанок ја слушнав истата желба за мир, стабилност и просперитет. Никој не сака економска фрагментација или војна“, рече тој.

Тој ги критикуваше економскиот протекционизам и руската „нелегална и брутална агресија во Украина“ и повика на поголема соработка околу глобалните прашања.

TRT Balkan / агенции
Популарни