Од 1 декември на сила стапува итната регулатива за цените на електричната енергија на територија на Европската Унија, а препораките се доставени и до целиот континент во повиците за солидарност во справување со енергетската криза. Се очекува повеќе земји да ги затворат привремено јавните установи како големи стадиони, спортски сали, пливачки базени, театри, библиотеки, со цел да ја намалат севкупната потрошувачка на енергија.
Мерките на сила ќе бидат се до 31 март 2023 година и служат како надополнување на постоечката европска регулатива за енергетика.
Унгарија меѓу најпогодените
Меѓу првите земји членки на ЕУ која започна да затвора стадиони и културни установи е Унгарија. Поголемите унгарски градови како Сегедин, Ференцфарош, Мако, Секешфехервар и други веќе неколку недели се подготвуваат за големи кратења на средствата за одржување на трошоците за струја во јавните објекти.
Огромното зголемување на цените на енергијата ја принуди унгарската влада да одлучи да ги затвори стадионите, библиотеките, театрите и базените во текот на зимата.
Новите стадиони, симболи на моќта на десничарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт 12 години, се последните во долгата листа на згради кои повеќе не можат да се носат со поскапувањето на енергијата.
Секешфехервар, еден од најбогатите унгарски градови, управуван од членови на партијата на Орбан, е еден од многуте што затвораат музеи, библиотеки и театри во текот на зимата.
Градоначалникот на овој град Андраш Чер-Палковиќ најави дека новиот стадион, кој може да прими близу 14.000 посетители, „ќе биде затворен овој месец поради мерките за штедење“.
Засега во Будимпешта, главниот град на Унгарија, и натаму централните и локалните власти успеваат да одржуваат вклучени светла“ на јавните објекти, но со големи проблеми се соочува приватниот сектор поради огромниот раст на цените на енергијата.
Повеќе видови на бизниси најавуваат дека ќе затворат привремено и дека повторно ќе проработат од март следната година, меѓу кои и синџири на хотели.
ЕУ се надева на солидарност
Новата европска регулатива не наметнува на кој начин земјите ќе остварат заштеди од 10% на електрична енергија од севкупната потрошувачка и заштеди од најмалку 5% во пикот на потрошувачката на струја.
Според европските челници, доколку се намали побарувачката на енергија, тогаш ќе има и намалување на цените.
Исто така е предвидено и ограничување на профитот на производителите на електрична енергија, како и социјална контрибуција на компаниите кои произведуваат струја од фосилна горива.
Се смета дека тие оствариле повисоки профити на пазарот бидејќи цените иако се поскапени, не се на истото ниво како кај производителите кои зависат од цената на природниот гас за генерирање енергија.