Судир на мигранти и безбедносни сили во Мелила     Фото: AP

По смртта на десетина мигранти на граничниот премин меѓу Мароко и Шпанија, како и сомнежите за употреба на прекумерна сила од двете страни, претставниците на Африканската Унија побараа спроведување на итна истрага која ќе ги утврди причините за трагичните настани.

Муса Факи Махамат, предводникот на Африканската Унија, посочи дека е во шок по насилството на пограничните безбедносни сили и третманот на кој се подложени мигрантите од Африка, кои преку Мароко сакаат да преминат во ЕУ на границата со Шпанија.

„Повикувам на итна истрага за настаните и ги потсетувам сите земји на нивните обврски под меѓународното право да ги третираат сите мигранти со достоинство и да им биде приоритет нивната безбедност и човековите права, истовремено воздржувајќи се од употреба на прекумерна сила“, порача Махамат на Твитер.

Според Хелена Малено Гарзон, претседателка на невладината организација „Волкинг Бордерс“, во стампедото починале најмалку 37 луѓе, додека пак според првичните информации, мароканските власти броеја 23 жртви.

Повредени се уште стотина мигранти, а повреди се регистрирани кај припадници на мароканската и шпанската полиција.

По пробивот на шпанската енклава Мелила, на територија на ЕУ се проценува дека преминале околу 150 нелегални мигранти.

Шпанија го менува фокусот на надворешната политика

Со засилувањето на мигрантската криза на границата, Шпанија која сега е домаќин на Самитот на НАТО во Мадрид, лобира кај сојузниците за поголема поддршка за справување со бранот мигранти. Така фокусот на шпанската надворешна политика од војната во Украина ќе се префрли на проблемот со копнената граница со Африка.

„Сакаме добри односи со сите соседи околу нас и заедничко управување со феномени со кои никој, ниту најмоќната држава на планетата, не може сама да се справи“, изјави за Ројтерс Хозе Мануел Албарес, министерот за надворешни работи на Шпанија.

Во текот на неделата, шпанските власти ќе одржат прес конференција во рамки на Самитот, на кој ќе ги претстават своите аргументи за начинот на кој се справуваат со бранот мигранти, како и потребата од засилена соработка во поглед на размена на разузнавачки информации и засилување на безбедноста.

Речиси 2.000 мигранти, повеќето од Судан, се обидоа да ја преминат границата на која има поставена десетметарска ограда со бодликава жица, а притоа биле пресретнати од отпор на полициите на Мароко и Шпанија.

Полициските власти посочија дека се вршат организирани обиди за нелегален премин и јуришање кон оградата, додека пак дел од мигрантите напаѓале полициски службеници со камења и тврди предмети.

Пробивање на нелегалните мигранти во Шпанија     Фото: Reuters

Што го поттикна бранот мигранти?

Економската неизвесност во земји како Судан и регионот, недостигот на храна поради војната во Украина и последиците од регионалните конфликти, се повеќе го зголемуваат миграцискиот притисок.

Во првите месеци од годинава се забележува раст на бројот на мигранти од регионот, а според Фронтекс - Агенцијата за крајбрежна и гранична служба на ЕУ, бројот на пристигнати мигранти низ европските земји не е драстично зголемен.

Тоа создава ефект на „тесно грло“ во транзитните земји како Мароко, по што притисокот на европските граници се очекува да се зголемува и во наредниот период.

Особено земјите од јужна Европа, како први каде пристигнуваат мигрантите, се во преговори за издвојување средства за финансиска помош за погодените региони во Африка и соработка со нивните влади за намалување на миграциските бранови, како и еднакво распоредување на мигрантите низ ЕУ членките.

TRT Balkan / агенции
Популарни