Туркије е единствената земја која постигна резултати во напорите да посредува меѓу Русија и Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Ако гледаме реално, очигледно е дека само Туркије, досега, беше успешна кога станува збор за обидите за посредување“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Унгарија ги поддржува турските мировни напори среде тековниот руско-украински конфликт, вклучително и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, рече Сијарто, кој присуствуваше на меѓународниот форум „Руската енергетска недела во Москва“, настан за перспективите на руската индустријата за гориво и енергија, како и на меѓународната соработка.
Тој, исто така, укажа на јулскиот договор што го отвори патот за украинскиот извоз на жито среде војната со Русија, истакнувајќи дека оваа иницијатива е остварена со турско посредство.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море, кој беше стопиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари.
Барање да продолжат напорите за посредување
Осврнувајќи се на неговата средба со министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, за време на 77. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Сијарто рече: „Побарав од него (Чавушоглу) да продолжи со напорите за посредување.Затоа што живееме во соседството на војната. Сакаме мир. Мирот доаѓа само со преговори.“
Сијарто изрази надеж дека разговорите меѓу Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин, ќе вродат со плод и ќе го отворат патот кон мирот.
„Ние, Унгарците сакаме мир“, потенцираше Сијарто.