Сириските државни медиуми денес објавија дека Израел извршил нови воздушни напади врз главниот град Дамаск.
Државната новинска агенција САНА објави дека цел на нападите биле две згради во населбите Ал Мазех и Кудсаја во Дамаск.
„Во нападот се убиени и повредени неколку лица“, објави САНА, без да го прецизира точниот број на жртви.
Нападите во Дамаск беа извршени во градскиот кварт Мезех, каде што се наоѓаат зградите на државните институции и амбасадите на странски држави.
Новинската агенција наведува дека сириската противвоздушна одбрана пресретнала непријателски проектил во Хомс, централна Сирија.
Не е прецизирано дали Израел стои зад инцидентот. Израел не ги коментираше вестите.
Претходно оваа недела, Израел изврши воздушен напад врз центар за собирање помош за раселените Либанци во близина на сирискиот град Хомс.
Израелската војска на 5 ноември соопшти дека нејзините воени авиони гаѓале магацин за оружје на Хезболах во западниот сириски град Ал-Кусајр. Израел, кој ретко коментира за воените операции, спроведува воздушни напади врз Сирија од 2011 година, фокусирајќи се на иранските и сириските сили и целите на Хезболах.
Во неодамнешниот израелски воздушен напад врз Сирија, убиен е командантот на Хезболах Салим Џамил Ајаш, кој е одговорен за убиството на поранешниот либански премиер Рафик Харири.