По поминати години на живеење и образование во Данска им се заканува депортација     Фото: / Photo: AP

Данска, некогаш позната како либерална држава која ги почитува човековите права, сега ја завзема една од најтврдокорните позиции за азил и миграција, станувајќи прва во Европа која ги укинува дозволите за престој на сириските бегалци.

12-годишната Газал Сбинати од Сирија веќе има поминато осум години учејќи и живеејќи во Данска.

Неодамна добила писмо од Миграциската служба на Данска во кое се вели дека доколку не замине доброволно, може „присилно да биде вратена во Сирија“.

„Одам на училиште и имам многу пријатели и се надевам дека ќе останеме во Данска“, изјави Сбинати за локалниот радиодифузер ДР.

Данскиот совет за бегалци оттогаш се спротивстави на политиката, и ја означи како „шокантна“.

„Кога директно му испраќате писма на деца дека може присилно да бидат депортирани во Сирија ако самите не си отидат, тоа е сосема погрешен начин за еден авторитет да разговара со дете и да му се заканува кои се можните ризици. Мислам дека тоа е шокантно“, изјави Ева Сингер која го управува Советот.

Сингер тврди дека писмата не треба да се испраќаат до деца под никакви околности бидејќи „децата не можат да постапуваат по нив“.

„Во секој случај, писмата се испраќаат и до родителите и тоа е нормална процедура“ откако ќе се донесе одлука, рече таа и подвлече дека тие треба да се испраќаат само до родителите или старателите и „не треба да се испраќаат директно до децата“.

Асем Сваиф, кој ја основа групата за човекови права „Финџан“, која се залага за сириските бегалци во Данска, изјави дека неговата организација била контактирана од многу родители кои се пожалиле дека нивните деца добивале писма со закана за депортација.

Во еден пример, тој бил контактиран од родител чијшто деветгодишен син и 11-годишна ќерка добиле писма во кои им се заканувале со принудно протерување од земјата.

Групата за застапување на Сваиф работи на подигнување на свеста преку информирање на Меѓународниот детски фонд на ОН (УНИЦЕФ) и други организации меѓу кои и „Save the Children“.

„Испраќањето писма до малите момчиња и девојчиња е навистина, навистина лудо и нехумано“, вели Сваиф.

Скандинавската земја нема договор за репатријација со Сирија, што значи дека не може бегалците на кои им е укинат престојот, да ги принуди да се вратат во матичната земја.

Наместо тоа, властите ги сместуваат во т.н. „центри за заминување“, наречени дански кампови, со надеж дека тоа ќе ги заплаши доброволно да си заминат.

Сингер ја критикуваше политиката и реториката што се користат во писмата за присилна депортација, тврдејќи дека миграционата служба „не треба да ги обработува овие случаи се додека не дознае дали може да примени принудна депортација“.

„Сириските бегалци да си се вратат“

Според законите во Данска привремен статус за бегалци се доделува на тие кои бегаат од организирано насилство наместо од поединечен прогон.

Тоа значи дека тие што имаат привремена заштита ризикуваат да го изгубат статусот штом ќе дојде до подобрување на условите во земјата од која побегнале, дури и ако ситуацијата и натаму е кревка и непредвидлива.

Организациите за човекови права се загрижени дека таквите закони би можеле да ги поттикнат другите европски земји да се фокусираат само на намалувањето на вооружените конфликти при креирањето на политики за доделување право на азил.

Сваиф изјави дека Данска треба да го промени својот закон за азил.

„Луѓето кои бараат азил, тие не се мигранти, тие се луѓе кои бараат заштита. Ним им треба заштита. Тие бегаат од диктатура, од тортура. Значи, ние треба да ги сметаме како бегалци, а не како мигранти“, вели тој.

Не сите бегалци се третираат подеднакво

Сингер истакна и дека има „големи“ промени и разлики во условите за различни категории бегалци кои доаѓаат во Данска и за тоа како се примени.

„На пример, ако го погледнете начинот на кој се примени бегалците од Украина, постои посебен закон со кој им се дава привремена заштита, а тоа е процесуирано многу, многу брзо“, вели таа.

За сириските и другите бегалци, работите се многу покомплицирани бидејќи тие мора да ги следат стандардните процедури за азил.

Сингер смета дека едно од главните прашања во политиката за азил на Данска е акцентот на привременоста бидејќи на поединечните бегалци може да им се одземат дозволите за престој, дури и ако промените во нивната матична земја се „многу, многу мали, дури и ако се само привремени“.

Ова, рече таа, е проблем во однос на процесот на интеграција за секој поединец, но и во однос на проценката, што доведува до „одлуки кои се многу, многу груби, што особено се гледа со бегалците кои доаѓаат од Сирија“.

Данска ги „загрозува“ сириските бегалци

Сингер ја обвини владата дека ги загрозува сириските бегалци со тоа што им ги одзема дозволите за престој, и покрај тоа што ризикуваат злоупотреба и прогон по враќањето во Сирија.

Претходно оваа година, Службата за имиграција објави извештај во кој се вели дека Сиријците кои се враќаат се изложени на ризик од прогон од властите во земјата зафатена од граѓански конфликт повеќе од една деценија.

Во извештајот, исто така, се вели дека сириските власти продолжиле со апсење, приведување, испрашување, тортура, изнудување и убивање на бегалците кои се враќаат, повторувајќи ги сличните наоди во посебен извештај на ЕУ објавен претходно оваа година.

Сепак, според Сингер, имиграциските власти не го земаат предвид овој извештај кога одлучуваат за одземање на дозволите за престој на бегалците.

„Тоа покажува дека властите проблемот не го сфаќаат доволно сериозно“, рече Сингер.

Властите ја оправдуваат својата одлука со тоа што во Сирија има пад на воениот конфликт.

Сингер тврдеше дека при нивното враќање, Сиријците биле сметани за непријатели бидејќи честопати илегално заминувале среде хаосот предизвикан од насилствата.

Тоа може да го зголеми ризикот од „прогон кога ќе бидат вратени дома од данските власти“, изјави таа.

Под зголемениот притисок од Данска, позната како прва што ја потпиша Конвенцијата на ОН за бегалци во 1951 година, многу Сиријци заминаа во потрага по засолниште во други земји на ЕУ, а некои дури ризикуваа да се вратат во својата земја која е разурната од војна.

AA
Популарни