Башар ал-Асад, лидерот на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември / Photo: AA

Сириските вооружени фракции денес се согласија да се распуштат и да се спојат под Министерството за одбрана, објавија државните медиуми.

Државната новинска агенција САНА соопшти дека потегот бил преземен за време на состанокот во Дамаск меѓу шефот на новата сириска администрација Ахмед ал Шара и претставниците на револуционерните фракции во земјата.

Башар ал-Асад, лидерот на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на режимот на партијата Баас, кој беше на власт од 1963 година.

Преземањето се случи откако борците на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) ги освоија клучните градови во молскавична офанзива која траеше помалку од две недели.

Шефот на новата администрација во неделата по средбата со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека единственото оружје во Сирија ќе го има државата, тврдејќи дека нема да бидат прифатени вооружени групи, ниту во областите под нивна контрола, ниту во оние под контрола на терористичката ПКК/ЈПГ.

„За нас е неприфатливо било која група да биде вооружена во регионите под наша контрола или оние под контрола на терористите на ПКК/ЈПГ. За време на револуцијата имаше многу групи, но тоа не може да продолжи во земјата. Во наредните денови ќе биде објавено Министерството за одбрана, а ќе се формира комитет од високи воени претставници за создавање на идната сириска армија. После тоа, групите ќе се распуштат“, рече Ал Шара.

TRT Balkan / агенции
Популарни