Поради спорот околу испораката на гас за Словачка преку Украина, словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека владата може да ја ограничи помошта за украинските бегалци, а се закани и дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина.
Неговите закани уследија по прекинот на транзитот на руски гас за Европа преку Украина по истекот на договорот со руската компанија Газпром, кој Киев одбива да го обнови поради руската инвазија.
Според Фицо, поради прекинот на транзитот на руски гас во Европа преку Украина, што пак влијае на неколку други земји, се очекува Словачка да губи до 500 милиони евра приход од транзитните такси годишно.
„Ова практично нема ефект врз Русија. Само САД ќе имаат корист од оваа одлука поради зголемениот извоз на гас во Европа“, тврди Фицо, обвинувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски за саботажа.
Тој најави дека Словачка ќе бара обесштетување, а за можните мерки ќе биде консултиран и Брисел.
„Изјавувам дека ние во коалицијата сме подготвени да ја запреме испораката на електрична енергија и значително да ја намалиме поддршката за украинските граѓани во Словачка. Единствената алтернатива за суверена Словачка е да го врати снабдувањето со гас или да ја надомести загубата во јавните финансии во вредност од речиси 500 милиони евра“, рече Фицо.
Украина долго време изјавуваше дека нема намера да го продолжи договорот за транзит на гас поради руската инвазија, што им овозможи на европските земји да се подготват за ова сценарио. Европската комисија во средата потврди дека ЕУ е подготвена за таков развој на настаните.
Словачка има други опции за снабдување со гас, но Фицо вели дека земјата ќе го изгуби сопствениот приход од транзит и ќе мора да плати дополнителни давачки за увоз на неруски гас.
Тој исто така рече дека европските цени на гасот и електричната енергија ќе се зголемат поради украинските мерки.
Во 2021 година, годината пред почетокот на руската агресија против Украина, рускиот гас сочинуваше повеќе од 40 отсто од увозот на гас во ЕУ.
Како резултат на руската инвазија на соседната земја, повеќето европски земји последователно ја намалија зависноста од рускиот гас - минатата година тој учествуваше со помалку од десет проценти од увозот на гас од ЕУ.