Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Амбасадата на Словенија во Сараево организираа прием по повод одбележувањето 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји.
Словенија и Босна и Херцеговина воспоставија дипломатски односи на 1 октомври 1992 година. Во 30 години помеѓу двете земји се развиени пријателски односи и интензивна соработка во многу области.
По тој повод, во Домот на вооружените сили на Босна и Херцеговина, одржана е свеченост на која се обрати амбасадорот на Република Словенија во Босна и Херцеговина Дамијан Седар кој порача дека Словенија одлучно го поддржува патот на БиХ кон евроатлантските интеграции.
„Ние јасно знаеме во која насока треба да оди развојот на нашите билатерални односи. Словенија решително го поддржува патот на БиХ кон ЕУ и истовремено кон НАТО. Со гордост говориме за тоа дека имаме одлични пријателски, растеретени односи и многу повеќе“, рече амбасадорот на Словенија во БиХ.
Тој додаде дека граѓаните на БиХ и Словенија веќе „одамна одлучиле за тесна поврзаност“ и истакна дека граѓаните на Словенија сакаат да доаѓаат во БиХ поради нејзините планини, гостопримството и кујната.
„Сето тоа во нас буди големи желби. Сакаме да сте ни блиску, без граници и административни бариери. Сакаме да ги спроведете сите реформи кои вам додатно ќе ги подигне стандардите и ќе ја обезбеди благосостојбата за сите граѓанки и граѓани“, рече словенечкиот амбасадор.
Помошникот на министерката за надворешни работи на БиХ за билатералните односи Љубо Грковиќ изјави дека меѓусебните односи на БиХ и Словенија се засновани на пријателство и уважување.
Тој истакна дека Словенија е еден од најважните економски партнери на БиХ и четврта земја по инвестиции и трговска размена со БиХ.
„Словенија секогаш беше на располагање да нѐ поддржи и помогне. Тоа многу се цени кај нашите народи. Пријателството е нешто што е услов за понатамошни односи. Имаме околу 150.000 граѓани на БиХ кои престојуваат во Словенија. Тие се Словенци, но и наши граѓани и тоа е непрекината врска помеѓу нашите две држави“, рече Грковиќ
Тој истакна дека Словенија е една од првите земји која го покрена прашањето на добивање кандидатски статус на БиХ.
„Во тоа е можеби најголемиот лобист меѓу останатите земји. Многу сме благодарни и го почитуваме таквиот однос на Словенија кон БиХ“, порача помошникот на министерката за надворешни работи на БиХ за билатерални односи Љубо Грковиќ