Три четвртини од природниот гас Словенија го добива од Русија     Фото: Reuters

Словенија склучи договор со Италија за солидарна помош со кој би се овозможила поголема сигурност при набавка на гас. Договорот е склучен поради очекувањата за криза во снабдувањето со гас наесен. Владата на словенечкиот премиер Роберт Голоб посакува да склучи такви договори и со Хрватска и Австрија.

Комисијата за надворешна политика на словенечкиот Парламент едногласно го поддржаа законот за ратификација на договорот со Италија. Тој на Словенија ќе и овозможи, во случај на недостаток на гас, да побара од Италија солидарна помош за да ја реализира набавката на овој енергенс за домаќинствата, образовните и социјалните институции.

Се работи за договор кој во март годинава го склучи претходната Влада, чиј претседател беше Јанез Јанша. Тој предвидува солидарна помош на реципрочна основа во време на криза.

„Тоа е прв договор од ваков вид за критични ситуации, во случај да дојде до сериозни проблеми на европскиот пазар на природен гас”, појаснува државната секретарка и претставник на Владата, Тина Сершен.

Таа потврди дека Словенија има интерес такви договори да склучи и со Хрватска и Австрија. Со тоа се согласуваат и пратениците. Намерата на Словенија е оваа есен да ги склучи договорите со Хрватска и со Австрија.

Словенија , според одредени проценки, три четвртини од природниот гас го добива од Русија и се наоѓа меѓу европските земји со најмалку диференцирани извори. Нема ниту терминал за течен гас и се надева на набавка на овој енергенс и преку хрватскиот ЛНГ терминал на Крк и од Италија преку терминалот близу до Венеција.

Словенија смета дека преку хрватскиот терминал во иднина може да добива течен гас ако се осигураат потребните капацитети за пренос, кои сега се дефицитарни, додека од Италија во случај на потреба и криза со рускиот гас би осигурала снабдување преку гасоводот во Алжир.

Склучувањето на договорот за солидарно снабдување со гас со Австрија е важно за Словенија бидејќи добар дел од гасот за сопствена потрошувачка го добива од австрискиот енергетски центар Баумгартен.

HINA
Популарни