Вооружен напаѓач отвори оган врз посетители на трговски центар во Копенхаген, смртно застрелувајќи тројца, а уште четворица се ранети од огнено оружје, но се во стабилна здравствена состојба.
22 годишниот напаѓач е уапсен од полицијата по обемна акција на безбедносните служби во областа Зиланд во главниот град на Данска.
„Најверојатно постоеле намера и подготовка кај осомничениот кои претходеле на овој страшен настан“, изјави Сорен Томасен главен полициски инспектор на прес конференција.
Според полициските власти на Данска, засега не е утврден точниот мотив на напаѓачот, но сметаат дека според првичната истрага не станува збор за терористички напад.
Понатаму, од данската полиција додаваат накратко дека осомничениот кој е обвинет за убиство, бил претходно познат на психијатриските установи. Тој засега се нема изјаснето за обвинението.
Во пукањето убиени се двајца тинејџери, момче и девојка на возраст од 17 години и 47 годишен руски државјанин кој престојувал во Данска.
Меѓу ранетите лица кои се во стабилна состојба има и двајца државјани на Шведска.
Голем број луѓе се полесно повредени при бегство од местото на настанот, но не од истрели од огнено оружје, соопшти полицијата.
Напаѓачот во моментот на апсењето поседувал автоматска пушка со муниција и нож. Нема индикации дека во пукањето учествувале и други лица.