Европа се подготвува за најтешката зима во последниве две децении, главно предизвикана од високите цени и недостигот на ресурси поради војната што Русија ја започна во Украина. Граѓаните во многу земји се подготвуваат за зимата набавуваќи алтернативни решенија за загревање, подготвени се да ги загреваат домовите на пониски температури, но и за нередовно снабдување со топлинска енергија. Сепак, ова се однесува на оние граѓани кои имаат финансиски средства за да го сторат тоа.
Од друга страна пак, дури и пред избувнувањето на војната во Украина и последователната енергетска криза во Европа, германската Федерална канцеларија за статистика процени дека 2,6 милиони луѓе во земјата не можат соодветно да ги загреат своите домови во 2021 година, од финансиски причини.
Луѓето кои живеат сами и оние во домаќинствата со еден родител се погодени повеќе од просекот. Според достапните статистички податоци, во просек, околу седум проценти од населението на ЕУ се премногу сиромашни за да ги загреат своите домови. Генералниот директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на Европската унија со статистички податоци на европско ниво Евростат ги направи пресметките врз основа на анкета на 40.000 домаќинства низ земјите од ЕУ.
Овој проблем е особено изразен во Бугарија, каде речиси четвртина од населението се бори со изнаоѓање финансии за да ги загреат домовите за време на зимата. Пресметано во бројки тоа значи дека над 1,6 милиони жители на Бугарија лани не можеле соодветно да ги загреат домовите поради финансиски причини.
Иако се наоѓа во потопол регион, сепак и граѓаните на Грција имаат сериозни проблеми за да ги затоплат домовите-дури 17,5 проценти не можат да си го дозволат тоа. Тоа се над 1,8 милиони жители на оваа земја.
Слична е и ситуацијата во Шпанија каде 14,2 отсто од жителите не можат соодветно да ги загреат домовите за време на зимската грејна сезона. Иако процентот на луѓе овде е помал, сепак проблемот е пораширен бидејќи погодени се над 6,7 милиони жители на оваа земја. Над европскиот просек се и Романија (10,1 %) и Италија (8,1 %).
Граѓаните на Финска немаат ваков проблем и само 1,3 проценти од жителите се финансиски немоќни за да си дозволат соодветно загревање на домот.
Сепак, да повториме дека ова се однесува на 2021 година, кога енергетската криза не ни беше на повидок. Во недостиг на нови статистички податоци, се проценува дека претсојната зима овој проблем ќе биде драстично поизразен.