Јужнокорејските пратеници денес усвоија предлог-закон со кој се бара да се назначи специјален советник за истрага на претседателот Јун Сук Јеол поради неуспешниот обид за воведување воена состојба.
„Во предлог-законот се бара назначување специјален обвинител што ќе ја утврди вистината за внатрешниот бунт преку неуставното прогласување воена состојба“, пишува сеулскиот Јонхап њуз.
Од 287 пратеници што присуствуваа на седницата, 210 гласаа „за“, 63 „против“, а 14 пратеници беа воздржани.
Пратениците, исто така, побараа итно приведување на Јун и на другите осомничени што стојат зад воведувањето воена состојба.
Предлог-законот беше усвоен по првото барање за импичмент за Јун минатата недела, кога 300-члениот Парламент остана без кворум од 200 пратеници.
Сеул започна широка истрага за воената состојба од 3 декември кога Парламентот го отфрли потегот на претседателот и воената состојба беше укината во рок од шест часа, што предизвика политичка криза.
Опозицискиот блок има 192 пратеници и потребна му е поддршка од најмалку осум пратеници од власта за да успее кое било барање за отповикување на Јун.
Владејачката Партија на моќта на народот најави мерки кои ќе доведат до привремена оставка на Јун за да се избегне отповикување, при што опозицискиот блок предводен од Демократската партија размислува за второ гласање за соборување на претседателот во текот на викендот.
Јун, исто така, стана прв актуелен претседател што се соочува со обвиненија за предавство, како и со забрана за патување.
Утринава полицијата ги повика премиерот Хан Дак-су и неколкумина негови колеги на сослушување, како дел од истрагата за воената состојба.
Полицијата го повика шефот на Националната разузнавачка служба на сослушување за да ги испита деталите од состанокот на Кабинетот одржан пред Јун да прогласи воена состојба ноќта на 3 декември.
„Доколку обвинетите одбијат да се појават, веднаш ќе преземеме законски мерки, вклучително и принудна истрага“, изјави официјален претставник од обвинителството.
Поранешниот министер за одбрана, Ким Јонг-хјун, беше приведен во неделата и се соочува со обвиненија за предавство.
Властите воведоа забрана за патување на претседателот Јун, како и на цивилни и безбедносни службеници обвинети за соучесништво.
Според објавените вести, владејачката партија разгледува различни сценарија за да ги минимизира последиците од укинувањето на воената состојба, вклучително и оставката на Јун до крајот на април следната година.
Доколку се остварат плановите, претседателските избори ќе се одржат во рок од два месеца од датумот кога Јун ќе поднесе оставка.
Јун (63) е избран во 2022 година со петгодишен мандат што завршува во 2027 година.