Земјите членки на Европската Унија (ЕУ) дадоа конечно одобрување за законска регулатива со која ќе биде обврзувачко користењето на стандардните УСБ-Ц приклучоци за понлење на сите електронски уреди како што се паметните телефони, таблети и камери кои ќе бидат во продажба од почетокот на 2024 година.
Европскиот совет објави дека земјите членки одобрија листа која има за цел да стандардизира различни влезови за полнење за различни електронски уреди како што се УСБ-Ц, Микро УСБ и „лајтинг“, и да се намали електронскиот отпад.
Во согласност со оваа одлука, новиот стандарден приклучок за полнење во преносни електронски уреди ќе биде УСБ-Ц.
Така сите нови паметни телефони, таблети, дигитални камери, слушалки, преносни конзоли за видеоигри, звучници и тастатури ќе имаат задолжителни УСБ-Ц приклучоци за полнење, од што се разбира дека еден полнач ќе може да се користи за разни електронски уреди.
Оваа уредба ќе се прошири на лаптопи од 2026 година. Уредбата, која претходно ја одобри Европскиот парламент (ЕП), ќе стапи на сила по објавување во Службен весник на ЕУ.
Се очекува дека уредбата посебно ќе влијае на „Ејпл“ (Apple), бидејќи компанијата користи поинаков влез „лајтинг“ на своите паметни телефони, некои таблети и слушалки. Компанијата преферира УСБ-Ц влез во своите нови ајпади и лаптопи.