Британскиот премиер Кир Стармер денес претседаваше со итен состанок „Кобра“ со високи полициски функционери поради насилните протести на крајната десница што избувнаа низ градовите во Велика Британија.
Над 150 лица беа уапсени за време на немирите во различни градови во текот на викендот. Насилството, кое ги одбележа едни од најлошите протести во Велика Британија во последниве години, избувна како одговор на фаталниот напад со нож врз три млади девојки во Саутпорт минатата недела.
Полицијата беше повикана поради насилствата во Ротерам, Мидлсброу, Болтон и уште неколку града во земјата во текот на вчерашниот ден. Во своето вчерашно обраќање до нацијата, Стармер го осуди „насилството на крајната десница“ и вети дека насилниците ќе „зажалат“ за своите постапки.
Тој вети дека инволвираните „ќе се соочат со целата сила на законот“.
На состанокот Кобра премиерот ги собра високите претставници на Кабинетот на разговори за чекорите на Владата и полицијата за тековните немири.
Неодамнешниот пораст на насилството поттикна повици од сѐ поголем број пратеници за вонредна седница на Парламентот за немирите.
Последен пат Парламентот одржа вонредна седница летото 2021 година за време на евакуацијата на британските сили од Авганистан.
Пратеничката од лабуристите Дајан Абот преку X порача: „Досега невидени национални антиимигрантски немири од невидени размери.“
Лидерот на Реформ УК и пратеник за Клактон, Најџел Фараж, побара од пратениците да се вратат во Парламентот, велејќи: „На краток рок ќе ги смириме немирите, но подлабоките долгорочни проблеми остануваат.“
Во текот на викендот повици за вонредно заседавање на Парламентот пристигнаа од двете страни на политичкиот спектар. К
андидатот за лидерската позиција на ториевците Дејм Прити Пател и левичарската пратеничка Зара Султана ја истакнаа итноста на ситуацијата.