Меѓународниот туризам се очекува да се врати на нивото пред пандемијата оваа година, по силната бројка во 2023 година, соопшти Светската туристичка организација при Обединетите нации (ОН).
„Ослободувањето на преостанатата затворена побарувачка, зголеменото воздушно поврзување и посилното закрепнување на азиските пазари и дестинации се очекува да го поткрепат целосното закрепнување до крајот на 2024 година“, објави агенцијата на ОН во својот прв Светски туристички барометар оваа година.
Меѓународниот туризам достигна 88 отсто од нивото пред пандемијата во 2023 година со 1,3 милијарди пристигнувања на туристи, се вели во соопштението.
Блискиот Исток предводеше во закрепнувањето, појавувајќи се како единствен регион кој ги надмина нивоата пред вирусот со пристигнувања на туристи за 22 отсто над нивото од 2019 година.
Најпосетуваниот регион во светот, Европа, достигна 94 отсто од нивоата пред пандемијата, благодарение на интрарегионалната побарувачка и патувањата од Соединетите Американски Држави.
Африка и Северна и Јужна Америка вратија 96 отсто од бројот на посети пред пандемијата, додека Азија и Пацификот достигнаа 65 отсто од нивоата во 2019 година по повторното отворање на неколку пазари и дестинации.
Приходите од меѓународниот туризам во 2023 година изнесуваа вкупно 1,4 билиони долари, што е намалување за 7 отсто од 1,5 билиони во 2019 година, според прелиминарните проценки на агенцијата.
Вкупните извозни приходи од туризмот (вклучително и патнички транспорт) се проектирани на 1,6 билиони долари во 2023 година, што е речиси 95 отсто од 1,7 билиони долари во 2019 година.
Прелиминарните проценки покажуваат дека економскиот придонес на туризмот бил 3,3 билиони долари во 2023 година, или 3 отсто од глобалниот бруто домашен производ.