Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека привремените територијални отстапки за Русија би можеле да помогнат да се воспостави прекин на огнот во Украина.
Во интервју за германскиот „Table.Briefings“ објавено денеска, Столтенберг нагласи дека дипломатските преговори и компромисот може да го отворат патот за договор за прекин на огнот.
„Потребна ни е линија за прекин на огнот, и секако ова (украинскиот дел) треба да ги вклучи сите области кои моментално се под руска контрола. Но, гледаме дека тоа можеби нема да биде реално остварливо во блиска иднина. Ако линијата за прекин на огнот значи дека Русија продолжува да ги контролира сите окупирани територии, тоа не значи дека Украина мора засекогаш да се откаже од територијата“, изјави тој,
Столтенберг ја истакна важноста од обезбедување безбедносн гаранции за Киев во замена за какви било територијални размислувања како дел од договорот за прекин на огнот. Иако членството во НАТО останува опција, тој рече дека има и други начини за вооружување и поддршка на Украинците.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека може да се постигне договор за прекин на огнот доколку украинската територија контролирана од Киев биде ставена под чадорот на НАТО.
Меѓународните напори за постигнување прекин на огнот меѓу Украина и Русија се интензивираа во последните недели. По изборната победа на Доналд Трамп, се очекува следната американска администрација да ги фаворизира дипломатските решенија наместо воената помош.