Столтенберг: Украина има право на самоодбрана / Photo: Reuters

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека Украина има право на самоодбрана, вклучително и напади на легитимни воени цели во Русија.

„Украина мора да биде способна да возврати и да се брани. Ова е дел од правото на самоодбрана“, рече Столтенберг пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во чешкиот главен град Прага.

Нагласувајќи дека Русија е таа што ја започнала војната и го „прекрши меѓународното право“, челникот на НАТО потсети дека Русија продолжува да ја ескалира ситуацијата со тоа што отвори нов фронт на североисточната граница.

„Она што многупати го имам кажано е дека не треба да заборавиме дека ова е војна на агресија. Русија нападна друга земја, го прекрши меѓународното право, ја нападна Украина и Украина има право на самоодбрана, а тоа го вклучува и правото да нападне легитимни воени цели во Русија.“

Тој нагласи дека граничната линија на фронтот е „повеќе или помалку иста“, додавајќи дека правото на Украина за самоодбрана, вклучително и правото да напаѓа воени цели во Русија е „уште поитно“, поради новите напади во Харковската Област.

На прашањето за јавувањата дека американскиот претседател Џо Бајден ѝ дал тајно одобрение на Украина да користи оружје испорачано од САД за да нападне цели внатре во Русија, шефот на НАТО рече дека го поздравува тоа што сојузниците на НАТО ѝ даваат поддршка на Украина на многу различни начини и додаде дека нема да навлезе во детали за тоа каков тип поддршка се добива.

Американската дозвола има цел да му помогне на Киев подобро да се одбрани од руските напади врз Харков, вториот по големина град во Украина, објави вчера веб-страницата за вести Политико, цитирајќи двајца претставници на администрацијата на Бајден и две лица запознаени со ова прашање.

AA
Популарни