Студент извлечен од под урнатините откако објавил на социјалните мрежи / Photo: AA

Дваесетгодишен студент го преживеа земјотресот на југот на Туркије, благодарејќи на својата објава на социјалните мрежи која ја испратил додека бил под урнатините на зградата.

Боран Кубат остана заглавен под урнатините во Малатја со мајка му, баба му и двајца вујковци, кога вториот земјотрес го погодил регионот.

„Не мислевме дека ќе се случи така силен земјотрес по првиот. Отидовме дома и спиевме кога се случи земјотресот. Наеднаш се се стемни, а мајка ми падна блиску до мене“, раскажа Кубат.

Тој истакна дека на социјалните мрежи споделил видео во кое бара помош и дава точна локација каде се наоѓа куќата.

„Со себе имав телефон, па мислев доколку ја споделам снимката на социјалните мрежи, моите пријатели можат да видат и можат да дојдат до нас. И така не пронајдоа. Останав под урнатините околу пет до шест часа. Конечно не пронајдоа, мене и мајка ми. Сега се обидуваат да спасат еден од моите вујковци, а вториот вујко и баба ми и понатаму се заглавени под урнатините“, рече Кубат.

Тој е студент на универзитет во Истанбул и дојде во родниот град на одмор.

„Дојдов во родниот град токму во денот кога сме погодени со земјотресот“, раскажа Кубат.

Според податоците на Управата за вонредни ситуации (АФАД) објавени во вторникот утрото, најмалку 3.419 лица загинаа, додека најмалку 20.534 се повредени во земјотресите кои вчера ја погодија Туркије, со епицентар во јужниот турски град Кахраманмараш.

Во подрачјата погодени од разорните земјотреси моментално ангажирани се повеќе од 24.000 спасувачи, медицински и друг персонал.

Во акциите на спасување досега згрижени се 338.000 лица во студентските центри и други објекти, а под урнатините се извадени повеќе од 8.000 граѓани.

Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтер вчера наутро го погоди југот на Туркије. Епицентарот на земјотресот е регистриран во Пазарџик во турскиот град Кахраманмараш. Областите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османије, Хатај и Килис тешко се погодени од земјотресот. Земјотресот се почувствува и во соседна Сирија, а потресување на тлото се почувствува и во Ирак, Либан, Египет и во други региони.

Потоа нов земјотрес со јачина од 7,6 степени по Рихтер вчера го погоди Елбистан, исто така во Кахраманмарас.

Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган рече дека земјата ја погодила најголемата катастрофа од земјотресот во Ерзиџан во 1939 година.

Во Туркије поради разорните земјотреси прогласена е седумдневна жалост.

AA
Популарни