На 27 јануари 1945 година советските војници го ослободуваат концентрациониот логор Аушвиц, управуван од нацистичка Германија на територија на окупирана Полска, каде беа егзекутирани дел од милионите Евреи убиени во Холокаустот.
По ослободувањето на логорот и поразот на нацистите, Аушвиц стана симбол на Холокаустот, како за жртвите, така и за преживеаните. Овој ден е одбран од страна на УНЕСКО како глобален ден за комеморација на жртвите на Холокаустот, а официјално е усвоен во 2005 година со одлука на Генералното собрание на Обединетите нации.
Целта на меѓународниот ден е да го одржи споменот за жртвите на систематското уништување од страна нацистите базирано на расизам и антисемитизам, за истото никогаш да не се повтори.
„По 78 години бројот на преживеани се намалува, сè помалку остануваат да ја раскажат својата приказна, да сведочат за геноцидот, да го пренесат искуството од нивното сеќавање. Затоа сега е поитно од било кога сите ние да ја преземеме одговорноста да станеме сведоци на оваа историја, да се погрижиме жртвите никогаш да не бидат заборавени. Покрај тоа, мора да запомниме дека таквите ужаси секогаш може да се повторат“, порача Одри Азуле генералната директорка на УНЕСКО.
Денот се одбележува глобално, се посетуваат поранешните концентрациони логори кои се претворени во центри за спомен на жртвите, како и меморијалните центри на Холокаустот, а посебни седници одржуваат бројни национални парламенти со пораки за спомнување на ужасите на Холокаустот во чест на жртвите.
Исто така овој ден се користи и за потсетување дека одредени форми на антисемитизам се уште постојат и дека и натаму се вршат вербални и злодела од омраза насочени кон припадниците на еврејските заедници.
Неодамна во фокусот на светските медиуми беа говорите на раперот Је (Кање Вест), и непримерните коментари на НБА кошаркарот Кајри Ирвинг. Ѕвездата на Бруклин Нетс беше суспендиран од тимот, а потоа се извини и се заложи дека поопширно ќе се едуцира за историјата на проблемот за да не предизвикува болка и страдања.
На социјалните мрежи се шираат теории на заговор со кои се негира Холокаустот како историски факт и настан, и се пренесуваат пораки на омраза и обвинувања кон еврејската заедница.
Токму затоа, од компании како Мета (Фејсбук, Инстаграм, Ватцап) и ТикТок беше побарано да ја сфатат сериозно оваа закана и корисниците да ги насочуваат кон верифицирани профили и страни, наместо кон тие кои шират лажни и опасни тврдења и информации.